Се‘ додека само се дебатира кој е главниот виновник, се намалува капацитетот на економијата да испорача повисоки плати – Интервју со Кристијан Кожески, Докторанд по економски науки
Постојано се води дебата за зголемувањето на платите и продуктивноста на трудот, за тоа какви политики и мерки се потребни за да се поттикне нивен раст, но и колку средната плата, која би се пресметувала наместо просечната на националлно ниво, би ја отсликала реалната состојба на моменталниот износ на реалните плати во Македонија. Во првиот дел од ова интервју, со Кристијан Кожески, докторанд по економски науки од Економскиот факултет при УКИМ, разговараме токму на овие теми.
Разговараше: Бобан М. Илијевски
Работник: Како економист, што мислите за парадоксот помеѓу работниците и работодавачите, каде што едните велат поголеми плати, па поголема продуктивност, а другите поголема продуктивност, па поголеми плати? Што треба, според Вас, да се направи за да растат платите во Македонија?
Кожески: Ова прашање е можеби едно од прашањата коишто ги дава одговорите и на сите останати болни точки на пазарот на трудот. Меѓутоа, гледано наназад, не само кај нас, туку и во светски рамки се водат вакви дебати околу потребата, но и висината на зголемувањето на платите на работниците или ако сакате – дебати за рамноправноста во распределбата на економскиот колач. Ваквите дебати особено се интензивираат за време на кризи, како таа пред неколку години која се чувствува секојдневно, а веројатно ќе се чувствува и во наредните неколку години.
Високите стапки на инфлација кога ќе се споредат со ЕУ просекот, кои го надминуваат значајно, неминовно придонесоа за потребата да се зголемат платите на работниците, односно придонесоа за намалување на нивната вредност. Оттука, со цел задржување на куповната моќ, но и ублажување на ефектите од кризата од ценовниот шок, и синдикатите, меѓутоа и оние работници коишто не се членови на синдикати, настапуваа со барања да се зголемат нивните плати. Тука мора да се напомене дека барањата за покачување на платите, како резултат на зголемената инфлација во последните неколку години, дојдоа и после најавите околу зголемувањето на минималната плата и од нејзиното зголемување. Значи, барањата за повисоки плати дојдоа и како резултат на зголемената минимална плата.

Барањата на работниците за зголемување на платите се логични и оправдани, доколку се земе предвид фактот дека во изминатиот период дојде до значајно зголемување на цените, особено на цените на основните прехранбени производи, а ние сите знаеме дека кај дел од посиромашните граѓаните, учеството на истите во нивната потрошувачка кошничка зафаќа доминантен дел, па оттука тие беа најзагрозени, односно најзафатени од порастот на цените.
Треба да се има предвид дека паричката има две страни, како во други прашања, така и во распределбата на расположливите средства. Што сакам да кажам? Во услови на криза имаме крајно намален фискален простор, како во државниот, така и во буџетот на компаниите – тие не се разликуваат и располагаат со горе-доле ограничен буџет. Од друга страна, имаме истовремено испорачување на негативни стапки на пораст на продуктивноста на трудот, па така, во ваква констелација на односи дополнителниот пораст на платите, за жал, е неодржлив на среден рок.
Во поглед на платите во јавниот сектор, затоа што и таму гледаме значајно зголемување и барања за пораст на платите – значаен дел од државните расходи се наменети за плати и пензии. Околу ¼ од државниот буџет е наменет за пензии, додека 12 до 13 % од расходите се наменети за плати на државната и јавната администрација.
Високото учество на расходите за плати, ова не е само моја субјективна проценка, туку е и проценка на Меѓународниот монетарен фонд чиј тим оваа година направи увид во состојбата на македонската економија, донесе заклучок дека при зголемувањето на платите во јавниот сектор е потребна особена внимателност и воздржаност, односно дека мора да се има предвид степенот на оптовареност на буџетските расходи за плати, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Кога се поставува прашањето поврзано со зголемување на платите, мора да се има предвид дека доколку имаме пораст на номиналните плати (оние плати кои работниците ги добиваат на нивните сметки), истиот тој пораст е можен и одржлив на долг рок, ако истовремено имаме зголемување на продуктивноста на трудот. Единствено продуктивноста на трудот е онаа здрава и одржлива основа за зголемување на платите. Доколку порастот на платите не е следен со соодветен пораст на продуктивноста на трудот, ќе дојде само до зголемување на трошоците по единица труд и можеме само да претпоставиме каде ќе се трансферираат тие трошоци.
Зголемените трошоци на производство по единица труд, во најголем дел ќе бидат пренесени врз потрошувачите, т.е. тие ќе бидат платени од страна на потрошувачите како дополнителен пораст на финалните производи и ќе се направи додатен притисок кој ќе придонесе да расте инфлацијата.
Доколку се спореди продуктивноста на трудот во земјите од регионот (Западен Балкан), но и ЕУ просекот, согласно последните достапни податоци за 2022 година, може да се констатира дека продуктивноста на трудот во земјите од Западен Балкан значајно заостанува споредено со нивото во ЕУ.
Во 2022 година, просечниот работник во ЕУ забележал реално производство од речиси 73,000 долари, мерено според БДП-то по цени до 2015 година, додека пак, продуктивноста на просечниот работник во Македонија изнесувала 13,800 долари. Ова упатува на заклучокот дека просечниот македонски работник произведува 5,3 пати помалку во споредба со тој во ЕУ. Во рамките на Западен Балкан, единствено продуктивноста на трудот во Албанија е пониска од таа во Македонија.
Кога се анализираат просечните стапки на продуктивноста на трудот, трендот во Македонија е особено загрижувачки. Ако се анализира периодот 2012 – 2022 година, во рамките на земјите од Западен Балкан, просечниот годишен раст на продуктивноста на трудот се движи од 1,80 % во Албанија, 1,17 % во БиХ, 0,29 % во Србија… додека единствено Македонија забележува негативна просечна годишна стапка на пораст на продуктивноста на трудот од 0,05 %, што значи дека во последните 10 години, во просек, продуктивноста на трудот во Македонија забележува годишно намалување од 0,05 %. Вака просечните негативни стапки на пораст на продуктивноста на трудот во Македонија упатуваат на заклучокот дека нашата економија забележува оддалечување, како од останатите земји од Западен Балкан, така и од ЕУ просекот.
Со други зборови, јазот во продуктивноста на трудот во Македонија споредено со ЕУ просекот, не само што не се намалува, туку забележува и реално зголемување, односно продлабочување. Меѓутоа, што предизвикува ваквиот тренд на продуктивноста на трудот? Го намалува капацитетот и просторот на македонската економија да исплаќа поголеми плати на работниците.
Доколку имаме предвид дека македонската економија е мала и отворена, зголемувањето на трошоците на производство директно ќе се рефлектира и врз меѓународната конкурентност на македонските производи. Тоа значи дека одговорите за недоволната продуктивност на трудот лежат за ниските плати чијашто вредност е дополнително намалена како резултат на високите стапки на инфлацијата. Реалното намалување на продуктивноста на трудот го намалува и капацитетот на македонската економија да исплати поголеми плати за работниците.
За крај, потребата од системски мерки насочени кон техничко-технолошкото ниво на производството, производниот процес, зголемување на вештините и квалификациите на работниците, унапредување на владеењето на правото, подобрување на капацитетот на јавните институции да овозможат и да го подобрат деловното опкружување, а со тоа и да ја подобрат конкурентската способност на македонската економија, ќе создаде изгледи и ќе ја подобри позицијата на македонскиот работник.
До тогаш, додека трае оваа дебата околу распределбата на економскиот колач или додека се води дебатата дали продуктивноста или порастот на платите се главниот виновник, по се изгледа реалниот капацитет на продуктивноста на трудот се намалува, а со тоа и капацитетот на економијата да испорача повисоки плати, особено во време на вака кризни нарушувања.
Работник: Што треба да се направи за да се поттикне раст на продуктивноста на трудот?
Кожески: Треба да имаме предвид дека над 85 % од нашата економија е составена од мали претпријатија и тие се и главните работодавачи и апсорбери на работната сила, додека дел од претпријатијата, иако се мали, се носители на растот како и големите корпорации.
Одговорот за растот на продуктивност ќе го посочам од два аспекти. Првиот е насочувањето на активни политики на пазарот на трудот кон оние на коишто им се најмногу потребни, а тие се малите претпријатија коишто се главниот работодавач во рамките на бизнис секторот.
Што сакам да кажам? Помошта, без разлика дали се работи за финансиска, материјална или склучување на дополнителни договори за дообука, доквалификација на нивните работници, за некои поволни кредитни линии за набавка на пософистицирани машини итн., ќе предизвика дополнителен пораст на ефикасноста на производството. Од друга страна, помошта треба да се насочи и кон работниците.
Согласно последните податоци на Меѓународната организација на трудот, значаен дел од вработените лица во Македонија работат во сектори и дејности коишто не се во согласност со нивните квалификации. Од таа гледна точка, тие не можат да остварат некој поголем капацитет, односно зголемена ефикасност. Оттука, мерките на креаторите на политиките треба да бидат насочени кон доусовршување, дообучување и преквалификација на работниците кои како такви ќе ги искористат и ќе придонесат за дополнително нивно реализирање на пазарот на трудот.

Она што сакам да го кажам е дека можеби и сега ние имаме мерки и политики коишто се на место, во однос на активните политики на пазарот на трудот. Сакам да поттикнам и нивна поголема искористеност, а тоа се гледа во распределбата на трошоците што одат за активни и пасивни мерки на пазарот на трудот. Мора да се фокусираме и на активните мерки. За тоа е исто така потребна и политичка волја.
Овие политики треба да бидат долгорочни и не само да бидат вклучени во некој стратешки документ, туку треба да подлежат и на објективни и временски критериуми за нивна реализација. Потребно е и следење на нивната реализација, степенот на искористеност, колку работници ги искористиле, колку фирми се пријавиле итн., на подолг временски период и од тука да се види дали и кои мерки имаат поголем ефект, а кои помал, а потоа да се слушнат бизнис заедницата и синдикатите и ако треба да се креираат нови мерки и политики. Севкупно, потребен е комплементарен и инклузивен пристап во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Работник: Државниот завод за статистика секој месец ја објавува висината на просечната плата, но речиси постојно реакциите се дека таа не е реална. Оттаму би сакал да Ве прашам, колку би можело да се отслика реалната состојба на платите, ако наместо просечната, се пресметува средната или медијалната плата?
Кожески: Постојат значајни разлики во висината на просечната плата и износот на медијалната плата. Впрочем, таквите разлики доаѓаат и од фактот што овие одделни индикатори во себе вклучуваат и различна методологија при пресметка на платата. Во просечната плата се инкорпорирани и значајните разлики во износите на исплатената плата, вклучувајќи ги и платите кои ги земаат помалку од 5 % од работниците во Македонија, односно платите на генералните директори, раководителите, менаџерите и сл. Оттука, колку што се поголеми разликите во исплатената плата, толку просечната плата има повисока вредност.
Од другата страна, медијалната плата е пресметана со изостанување на екстремно високите износи на плати, односно истата е далеку поблиска до реалната вредност на платата којашто ја добиваат најголем дел од работниците. Затоа сметам дека медијалната плата подобро ја отсликува реалната состојба со дистрибуција на плати во Македонија.
Сепак, она на што сакам да обрнам особено внимание е фактот што постојат значајни разлики во распределбата на работниците и согласно висината на просечната плата.
Само за пример, согласно последните достапни податоци на Државниот завод за статистика за распределбата на вработените согласно висината на нето платата во 2021 година, околу 48 %, значи скоро половина од вработените примале нето плата од 22,000 денари, додека единствено 11 % од вработените имаат повисока плата од 40,000 денари. Доколку нашата анализа ја фокусираме кон работниците што земаат пониска плата, важно е да се потенцира дека околу 18 % во 2021 година (последните достапни податоци на ДЗС) примале нето плата во износ од 14 до 16,000 денари. Оттука, сакам да се осврнам на високите секторски диспропорции во распределба на платите на работниците.

Податоците по одделени сектори покажуваат дека околу 22,5 % од вработените во секторот Земјоделство, Шумарство и Рибарство примале плата во износ од 14,000 до 16,000 денари. Значи, скоро секој четврти работник во секторот земјоделство во 2021 година го примал овој износ, додека во оваа категорија на плати во секторот Градежништво, истата зафаќала скоро 30 %.
Исто така, високи 46 % од работниците вработените во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна имале нето плата во износ до 16,000 денари. Од друга страна пак, она што го крева националниот просек се секторите во коишто се забележува натпросечно висока нето плата, односно секторите во коишто најголем дел од вработените имаат значајно повисока плата од националниот просек, а тие се Информации и Комуникации, Финансиските дејности и дејностите со осигурување. Во ИКТ секторот скоро секој четврти работник во 2021 година имал нето плата од над 50,000 денари, додека ваквата пропорција во секторот Финансиски дејности и осигурување изнесува 33 %, односно секој трет работник имал плата од над 50,000 денари.
За крај, можам само да се согласам со Вашата поента која ја имате одлично забележано во вашето прашање дека во Македонија постојат значајни разлики во дистрибуцијата на платите; меѓутоа овие разлики се особено изразени во одделни дејности, но и меѓу планските региони во Републиката. Исплатените плати, иако сме ние мала по територија држава со не некоја изразена мобилност на трудот, се забележуваат и разлики во платите во различни плански региони. Оттука, и ако во анализата се земе само просечната нето плата и тука се забележуваат значајни разлики на кои мора да се поработи, а коишто, за жал, се зголемуваат, а како резултат на тоа се зголемува просечната плата.

