Не е на арно…
Автор: Бобан Илијевски
Во книгата „Надвор од редот – уште 12 животни правила“, познатиот канадски психолог и универзитетски професор, д-р Џордан Питерсон вели дека социјалните животи на луѓето се круцијални за нивното ментално здравје.
Според него, тоа значи дека тие треба да бидат образовани до степен на нивниот интелектуален капацитет, слободното време да го користат на значаен начин, да бидат ослободени од големи здравствени/економски проблеми, да имаат пријатели, стабилна интимна врска, блиски семејни односи, конретени планови за иднината и финаниски – стабилна работа или кариера.
Јас не сум психолог, немам никакво познавање за многу од овие сегменти, но многу добро ми е познат овој последниот – финансиски – стабилна работа или кариера, а со тоа и тој за економските проблеми. Немањето на доволно финансии несомено доведува до економски проблеми.
Со оглед на тоа дека најголемиот дел од семејствата и поединците во Македонија немаат примања кои се доволни за да ја покријат потрошувачката кошничка (за која државата не води евидениција како тоа што го прават западните земји), мислам дека на многумина менталното здравје им е загрозено, барем од аспект на финансиската стабилност.
Со тоа што се стискаат за да го поминат месецот, одовјуваат од едни потреби за да надоместат други, не можат да заштедат… – не ми останува ништо друго да заклучам, освен тоа што го посочив погоре.
Уште еден факт кој го покажува и докажува тоа, е што Македонија преднички во консумирањето на лекови за смирување. Луѓето не ги пијат од што им се вкусни, туку оти се под постојан стрес, меѓу другото, од грижењето за тоа дали платата ќе им стигне до крајот на месецот.
Неминовно, финансиската нестабилност придонесува и за намалувањето на желбата кај помладите луѓе да основаат семејство. Ако го земеме предвид социјалниот аспект, немањето на доволно финансиски средства ги стимулира (повеќе помладите луѓе) да работат уште една работа – хонорарно или на половина работно време – со што им се намалува можноста за социјализација, односно немаат многу време да се видат со нивните пријатели. Некој можеби ќе помисли: „па и на работа има колеги со кои може да се социјализира“ – да, но не сите можат да се дружат на работа и не сите имаат другарски односи со колегите. Некои сакаат времето да го поминуваат со пријателите кои ги стекнале низ животот.
За жал, ние повеќе од 30 години имаме работа со властодршци на кои не им е гајле за менталното здравје на својот народ. Да им беше грижа ќе направеа се што треба за да го оттргнат товарот кој им го натрупал финансиската несигурност врз грбот и кој продолжува да им го натрупува до ден денешен.

