МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ВИДЕО – Неделков: Или масовен протест или штрајк – За едно од нив ќе одлучи Советот во сабота

Или масовен протест или штрајк. Ова се двете опции за кои ќе одлучува највисокиот орган на СОНК, Советот, рече Претседателот на синдикатот на денешната прес – конференција.

Според него преговорите со Министерството за образование и наука не вродиле со плод, а со Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска имале само една протоколарна средба, односно немало се уште преговори за услогласувањето на платите на вработените во градинките.

Неделков истакна дека упатиле официјални покани до МОН и Министерството за труд и социјална политика за остварување на работни средби, каде што согласно Законот за минимална плата, платите на дејностите кои ги покрива СОНК треба да се усогласат со минималната плата.

Неколку пати имавме остварено средби со Министерот за образование и наука. Некаде од 3 март започнаа посериозните преговори, каде што се преговараше во однос на начинот, методологијата и динамиката на усогласувањето на платите во секторот образование. Се мисли на платите во основното, средното, високото образование и наука и ученичките и студентски домови. Со оглед на тоа што математиките покажуваат сериозна сума на средства, преговорите продолжија на повисоко ниво, на ниво на Влада на Република Македонија, каде што Владата треба да направи процена во однос на средствата коишто треба да се издвојат за покривање на ова законско решение, истакна Неделков.

Тој посочи дека до денес, немаат добиено конретен одговор во однос на побарувањата на СОНК во дејноста детска заштита и образование и дека немаат никаква понуда за процентот на усогласување и зголемување на платите во дејноста образование. Потенцираше дека немаат остварено посериозни контакти, односно преговори со Министерството за труд и социјална политика, за усогласување на платите на вработените во градинките.

Тука е најголемиот законски прекршок, каде што десет различни работни позиции согласно Колективниот договор се истоветуваат, односно ќе земаат иста плата. Во основно образование се работи за пет работни позиции, со различна сложеност на коефициентите и во средното образование четири работни позиции ќе земаат иста плата, вели Неделков.

Револтот на членството е огромен, наведе тој, а особено во детските градинки, во основното и средното образование и во ученичките и студентските домови. Револтот е голем и во високото образование, кое очекува да се вклопи во пресметките за усогласување на платите.

Неделков информираше дека за овие проблеми ќе се разговара и на Економскиот Совет на Владата, каде што ќе биде поканет и СОНК, кој треба да се одржи од следната недела.

Повеќе во видеото во прилог:

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk