Вести

Објавен оглас за работници за автопатите на Бехтел и Енка, основни плати до 70 илјади денари

Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за привремено вработување на работници за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот Бехтел и Енка на Коридорот 8 и 10д. Вработувањата ќе траат до завршувањето на проектот, како што пишува во огласот, до 22 јануари 2028.

Овие кандидати ќе ги вработува Јавното претпријатие за државни патишта, според нивниот правилник за систематизација, а интересно е тоа што, наспроти упорноста на власта за законски измени со кои ќе може конзорциумот да ангажира работници за 60 часа неделно, овие вработени ќе работат само 40 часа неделно.

Како најатрактивно работно место е потребата од еден помошник на главниот и одговорен координатор на проектот. Треба да биде градежен инженер и ќе добива основна плата од 70.052 денари. Работното време ќе му биде осум часа дневно во прва смена.

Се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Тој ќе треба да има завршено на некој од факултетите за општествени науки, ќе работи 40 часа неделно и ќе добива нето-плата од 60.005 денари. ЈПДП има потреба и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за 65.029 денари.

Повеќе на Фактор