Овој грчки остров е бисер на Егејското море, сакаат да привлечат нови жители и туристи: Нудат „апсолутен мир“ и недопрена природа
На самиот раб на Егејското море, помеѓу Крит и Пелопонез, се наоѓа Антиктера, мал грчки остров со севкупно деведесеттина жители, без гужви и врева. Локалците го нарекуваат „рај на земјата“, место на апсолутен мир и тишина кои сѐ повеќе ги привлекуваат туристите.
Животот на изолираниот грчки остров Антиктера, сместен на работ на Егејското море помеѓу Крит и Пелапонез, не е секогаш лесен. Во текот на зимите често се случува бродот со снабдувањата да не може да се закотви поради немирното море, па жителите остануваат без основните потрепштини.
Речиси сѐ што им е неопходно за живот на малкубројните локалци им пристигнува со брод, од храна до горива за неколкуте возила кои постојат на островот.
„Понекогаш, кога морето е немирно, невозможно е да се приближиш до пристаништето“, вели Панајотис Павлакис, подофицер на тракетот кој ги носи основните потрепштини на овој далечен остров.
Остров на апсолутен мир
За луѓето кои живеат на Антиктера, меѓутоа, сите тешкотии се вредни за трудот. Тие својот остров го опишуваат како рај на земјата.
„Не постои друго место на светот каде може да се пронајде таков апсолутен мир и тишина“, вели Јанис Цинакос, пензиониран генерал на грчкото воено воздухоплоство, кој денес најголемиот дел од времето го поминува токму на Антиктера, наведува Greekreporter.
Поради стареењето на населението селото паднало на севкупно деведесеттина постојани жители. Училиштето, кое било затворено полни 24 години, повторно било отворено дури минатата година, по доаѓањето на едно младо семејство со деца.
Кампања за населување на островот
За да го зголемат бројот на жители, локалните власти во соработка со Православната црква започнале кампања со која се обидуваат да привлечат нови семејства да се доселат на островот и да започнат живот во овој изолиран ќош од Грција.
На островот постои само еден кафенион, традиционално грчко кафуле, кое во текот на целата година служи и како продавница, но и како главно место за собирање на локалците.
На посетителите на располагање им е и мал хостел со петнаесет соби.
Во текот на летото Антиктера повторно оживува, кога потомците на островјаните се враќаат на одмор од далечните земји, особено од Австралија, каде многу жители емигрирале во средината на 20-от век.
Идеално место за мирен одмор
Мал број на туристи од Грција и од странство ја избираат Антиктера како дестинација за потполно мирен и повлечен одмор.
Островот го карактеризираат дива природа, ниски брда, богати флора и фауна, сликовити селски капели и пештери. Бројни древни стази овозможуваат долги прошетки и истражување на недопрена природа.
Посебна атракција претставуваат осамените песочни плажи, идеални за оние кои сакаат потполно бегство од гужвите и секојдневието.
Најпознати меѓу нив се Ксеропотомос и Камарила, кои се наоѓаат недалеку од пристаништето и главното село Потамос.
Остров со богата историја
Историјата на Антиктера датира длабоко во минатото. Се верува дека првите жители биле Долопи, а подоцна ги наследиле Дриопи и жителите на Крит.
Римјаните на островот ги протерувале неподобните поданици, додека во подоцнежните векови Антиктера служела и како засолниште на пирати.
Сепак, и покрај својата изолираност и природните убавини, островот е најпознат по две исклучителни археолошки наоѓалишта од 20-от век.
На почетокот на минатиот век, нуркачите кои трагале по сунѓери во морето кај Антиктера пронашле две скапоцености на светската историја: прочуената бронзена статуа „Момчето од Антиктера“ од околу 340 година пред нашата ера и прочуениот Антиктерски механизам, древен уред за астрономски и календарски пресметки, кој настанал околу 80-та година пред нашата ера.
Извор: Greekreporter

