Николоски: Мора да ги заштитиме домашните компании, нашите мали и средни фирми на отворен, либерален систем се неконкурентни
Tреба да ги гледаме процесите онакви какви што се и да бидеме реални. Треба да сме свесни дека малите и средни претпријатија на класично отворен, либерален систем се неконкурентни и тоа треба да го кажеме јавно, директно и отворено. Нема јавна постапка што може да ја добие мало и средно претпријатие од Македонија, ако на неа учествува кој било не светски, не европски, туку регионален учесник. Прашањето е што правиме ние за да ги заштитиме домашните компании, зашто ако продолжиме вака, ќе ни се случат три ефекти кои ќе ни ја уништат економијата. Многу гушкајќи го детето, на крај можеме да го задушиме. Прво, ќе имаме огромен дефицит, зашто парите ќе одат надвор. Второ, ќе имаме дисбаланс, особено во делот на девизната размена зашто поголем дел од парите ќе одат надвор и трето, луѓето ќе се иселуваат зашто нема да можат да најдат работа во државата, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата „Бизнис со интегритет“.
Како што истакна Николоски, Македонија мора да ги заштити домашните компании.
– Мора да најдеме механизам со кој ќе ги заштитиме домашните компании. Веќе почнува да ни се случува да нема македонска компанија што се јавува на јавни набавки од 500.000 евра. Ако компанија од мала големина не може една, две набавки да добие во сопствената општина во вредност од 500.000 – 600.000 евра, тогаш како ќе постои таа компанија? Тоа е едниот аспект што сакам да го отворам. Во однос на големите набавки често се зборува дека домашните компании немаат капацитет, со што делумно и јас се согласувам, често со нив комуницирам и критикувам, но прашањето е како ќе создадат капацитет ако не им дадеме шанса, нагласи министерот.
Според него, ако за изградба на автопат, финансиран од одредена меѓународна финансиска институција, се бара компанија која има изградено три автопати со иста големина, тогаш се знае дека ниту една македонска фирма нема да работи.
– И потоа што се случува? Доаѓа голема меѓународна компанија, си задржува 15 до 20 проценти од вкупната вредност како профит, дури тоа и правно се оправдува со FIDIC правилата кои велат дека на секоја цена може да додадат 15 до 20 проценти, и работата ја даваат на локални подизведувачи и во суштина, работат само менаџирање. Кога ќе речете дека автопатот го изградила компанијата Х од државата Y, всушност го градат домашни компании, а само брендот останува на таа компанија. И тоа е нешто со коешто исто така не се согласувам, објасни Николоски.
Тој се осврна и на геополитичкиот аспект.
-Ние сме земја-членка на НАТО и држава што сака да се зачлени во Европската Унија. Со ваков отворен модел, треба да сме јасни како ќе се движи економијата во идниот период. Ако го оставиме моделот отворен, сите пари ќе ни одат во Кина, за големи инфраструктурни проекти. Прашањето е дали сакаме да го дозволиме тоа. Во моментов, во мојот ресор има големи предизвици во однос на избор на изведувач на две автопатски делници. Се соочуваме токму со вакви проблеми. И сега, прашањето е дали сакаме да бидеме фини пред јавност, пред публика, во извештаи и да зборуваме за транспарентност, за отчетност или сакаме да ги гледаме работите какви што се, да се погледнеме во огледало и да признаеме дека имаме суштински проблеми кои треба да се решат доколку сакаме да ни преживее стопанството и доколку сакаме да не трпиме надворешни влијанија кои се надвор од стратешката ориентација на државата, подвлече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

