Отворањето на фирми кои ќе даваат поголеми плати од нашите можеби ќе ги натера и останатите да ги зголемат истите
Автор: Бобан Илијевски
Македонскиот народ се повеќе и повеќе ја напушта државата, барајќи ја својата иднина во некоја од високоразвиените земји од Западна Европа, но и подалеку, на пример САД. Иако и западноевропските земји и САД се соочуваат со економски проблеми, сепак нивниот стандард е далеку подобар од нашиот, а и тие се прагматичари, што значи дека во брзо време ќе најдат решение за тоа како да се справат со инфлацијата, односно високите трошоци. Ова го велам бидејќи дел од истите тие земји се подготвени да ги ублажат законските процедури за да привлечат работна сила од земји кои не се членки на Европската унија, како што е Македонија. Земајќи го предвид тоа, јасно е дека прават многу подобри стратегии од нас. До душа, една Србија која до пред неколку години имаше понизок стандард од нас, сега во голема мера не престигнува. Затоа и во мојата претходна колумна напишав дека Македонија ќе биде губитникот во „Отворен Балкан“. Мислам дека сите можеме да се согласиме со тоа.
Голем дел од луѓето се песимисти дека „Отворен Балкан“ ќе го подобри стандардот на македонскиот работник, односно дека кончено работниците ќе добијат поголеми плати и навистина се во право. Колку наши луѓе заминаа надвор, работодавачите постојано се жалат на недостиг на работна сила, но и на неусогласеноста помеѓу побарувачката и понудата на работници и повторно нема некој голем отскок во платите. Напротив, веднаш штом почне да се зборува за зголемување на платите, започнуваат и оние „лелеци“ дека ќе се отпуштаат работници.
Додека ја осмислував оваа колумна, на ум ми дојде еден разговор што го имав со еден мој другар пред неколку години. Тогаш во Гостивар се отвори американската фабрика за шиење на навлаки за автомобили „Леар“. Се сеќавам дека имаше наплив на луѓе коишто аплицираа да работат таму, бидејќи нудеше поголеми плати од што нудеа другите фирми во Гостивар и Тетово. Тогаш гостиварските, но верувам и тетовските работодавачи беа бесни, бидејќи работниците започнаа нагло да им заминуваат за да работат во оваа фабрика. За да истите ги задржат беа принудени да ги зголемат платите. Некои од нив воведоа и уште еден слободен ден. Знам дека поради тоа многу вработени во маркетите во Гостивар имаат по два слободни дена во неделата. За ова, реално, треба да се заблагодарат на фабриката. Подоцна истата се префрли во индустриската зона во Тетово, па им овозможи на работниците од Гостивар и Тетово платен превоз и храна (не знам дали ги имало овие бенефити додека беше во Гостивар). Интересот за вработување таму не престана да опаѓа. Потоа се појави уште една фабрика во истата индустриска зона, па нашите работодавачи влегоа во уште понеповолна ситуација. Анализирајќи го сето ова, можеби ќе биде добро да се отвораат фабрики коишто ќе нудат поголеми плати, за да на домашните компании им текне дека треба да ги зголемат платите. Можеби ова ќе биде решението.


