Откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски БЕЗ отказен рок
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски БЕЗ отказен рок
Во случај на грубо прекршување на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со Законот за работни односи или пак со некој друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и Договорот за вработување, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот.
Ова е предвидено во членот 82 од Законот за работни односи и се однесува особено доколку работникот неоправдано отсуствува од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; или пак го злоупотреби боледувањето; не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина; внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства; стори кражба, или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот или пак оддаде деловна, службена или државна тајна.
ПРАВИЛНО е да се смета дека и покрај наведените причини во Законот, може согласно закон или колективен договор да се утврдат и други дополнителни случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски за кои работодавачот го откажува договорот за вработување без отказен рок.
ПОГРЕШНО е да се смета дека доколку се прекршува работниот ред и дисциплина треба претходно да се предупреди вработениот. Напротив, отказот може да се даде без предупредување, а по констатирање на прекршувањето на работниот ред или дисциплината.
Проф. д-р Лазар Јовевски

