Вработување преку општините за надоместок од 24.000 денари
Развојот на локалните заедници, економскиот напредок и подобрувањето на условите за граѓаните и за компаниите беше темата за која разговараа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, и неговиот колега за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ.
Ристески го информираше Стоилковиќ за новата мерка на Агенцијата за вработување, предвидена во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година. Станува збор за мерката „Економија на грижа – Општинско-корисна работа“, наменета за потребите на општините.
Со оваа мерка се отвора можност општините да ангажираат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, кои поседуваат сертификат за даватели на услуги, во времетраење од девет месеци и со работен ангажман од 40 часа неделно.
Ангажираните лица ќе бидат вклучени во обезбедувањето социјални и здравствени услуги, согласно со потребите на локалната заедница, со фокус кон приоритетните целни групи на граѓани. За својот ангажман, тие ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари, во кој се вклучени данокот на личен доход и осигурувањето за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда при работа и професионална болест.

