СветСветот на работникот

Хрватска воведува задолжителни лекарски прегледи за странските работници

Министерството за здравство на Хрватска со цел да го заштити јавното здравје донесе одлука сите граѓаните на земјите на кои им е потребна виза за влез во Хрватска, односно во Шенген зоната мораат да извршат лекарски прегледи за откривање на акутни и хронично заразни болести и за утврдување на нивниот статус на вакцинација.

Меѓу нив се државјани на Индија, Непал, Бангладеш, Пакистан, Филипини и Египет на кои им е одобрен привремен престој во Хрватска и бараат тој да биде продолжен.

Здравствен преглед ќе се спроведе во јавните здравствени установи според местото на живеење или во Хрватскиот институт за јавно здравје, во рок од 90 дена пред поднесување на барање за продолжување на привремениот престој.

Прегледот вклучува епидемиолошка анамнеза, рендгенска снимка на граден кош, анализа на столицата и крвта и утврдување на статусот на имунизација, а треба да се исклучи активна туберкулоза, присуство на бактерии кои предизвикуваат тифус и паратифусна треска, како и инфекција со ХИВ, хепатитис Б и хепатитис Ц.

Согласно одлуката, лицата под 35 години кои немаат доказ дека примиле вакцина против мали сипаници, детска парализа, дифтерија и тетанус ќе треба да се вакцинираат. Додека за лицата кои работат во здравствениот сектор ќе мора да се вакцинираат и против хепатитис Б.

Предвидено е трошоците за систематскиот преглед да ги сносат подносителите за продолжување на престојот, додека вакцинацијата ќе биде финансирана од Хрватскиот завод за здравствено осигурување.

Во првите шест месеци од годината Хрватска издала повеќе од 94.000 дозволи за престој и работа на странски работници, при што најголемиот број доаѓаат од Босна и Херцеговина и Србија, на кои не им е потребна виза за земјите од Шенген зоната. Во моментов има од 80.000 до 90.000 работници кои подлежат на виза во Хрватска, при што најголемиот број се Непалци и Филипинци.