По 3.000 денари за секој матурант, Општина Крива Паланка четврта година по ред со поддршка за младите
Општина Крива Паланка и оваа година обезбеди финансиска поддршка за сите матуранти од СОУ „Ѓорче Петров“, при што денес на сметките на учениците беа исплатени по 3.000 денари како симболичен придонес во пресрет на матурските прослави и одбележувањето на еден од најзначајните моменти во нивниот живот, завршувањето на средното образование.
Оваа мерка се реализира четврта година по ред и претставува дел од континуираните политики на локалната самоуправа насочени кон поддршка на младите, нивно охрабрување, мотивирање и создавање подобри услови за нивен развој, напредок и активно учество во заедницата.
Со оваа симболична, но значајна поддршка, Општина Крива Паланка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон младите генерации, испраќајќи порака дека тие се во самиот фокус на работата и политиките на општината. Крива Паланка е општина-пријател на младите, општина што вложува во нивната иднина, затоа што нивниот труд, успех и животни достигнувања се темел за развојот и напредокот на целата заедница.
Поддршката за матурантите е дел од поширок пакет мерки што Општина Крива Паланка ги реализира за младите и нивните семејства, меѓу кои се субвенции за набавка на дигитални уреди и велосипеди, еднократна парична помош за новороденчиња, субвенции за детска опрема, вложувања во спортска, образовна и детска инфраструктура, како и континуирана поддршка на спортските клубови и други активности од јавен интерес.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека младите се најголемата вредност и најважната инвестиција за иднината:
„Матурата претставува симболичен, но исклучително важен момент во животот на секој млад човек. Како локална самоуправа, наша обврска е да бидеме поддршка во тие мигови и да покажеме дека ги цениме нивните напори, труд и успеси. Оваа мерка е израз на искрена грижа и порака дека општината стои зад своите млади луѓе. Веруваме во нивниот потенцијал и во нивната способност да бидат двигатели на позитивни промени во нашата заедница“, изјави градоначалникот Митовски.
Матурата претставува посебен и емотивен момент за секој млад човек, симбол на завршување на едно важно животно поглавје и почеток на нови предизвици, соништа и можности. Токму затоа, ваквите мерки имаат дополнителна вредност, бидејќи испраќаат порака дека младите имаат поддршка од својот град и својата локална заедница во клучните мигови од нивниот живот.
Општина Крива Паланка упатува искрени честитки до сите матуранти за успешно завршеното средно образование, со желби за многу успех, самодоверба и убави спомени од матурските денови што ќе ги паметат цел живот.

