Останато

Потребна ни е плата која ќе се темели на основните трошоци за живот

Просечната плата стигна до 29,980 денари и е на 20 денари до 30,000 денари. Ако добро се сеќавате, а верувам дека се сеќавате, поранешниот премиер Зоран Заев постојано ветуваше дека просечната плата ќе биде 30,000 денари. Изгледа дека неговата желба е на 20 денари за да се исполни.

Во реалноста, платите се далеку пониски од просечната. Работниците во просек земаат плата од минималната до средната или од 18,000, па до 21,000 денари. Мал е бројот на вработени коишто земаат плата колку просечната или пак над просекот. Дури и минималната плата од 18,000 денари ќе ја земаат само 80,000 вработени или околу 13 проценти од нив. Ова покажува дека залудно е што просечната плата е толку колку што е, кога најголемиот дел од работниците се на прагот од сиромаштија.

Ова го имам кажано многу пати, но сметам да дека треба да го повторам (повторувањето е мајка на знаењето, нели?). Македонските работници се едни од ретките, а можеби и единствените во Европа кои се сиромашни. Мислам дека ова се должи на фактот што платите не се распределени согласно трошоците. На пример, во Германија, во самата плата се пресметани храната, пијалаците, киријата итн., додека кај нас не е така. Доколку сега би се направиле пресметки и би се одредила плата согласно трошоците за живот, тогаш сигурно таа би требало биде многу поголема отколку што е сега, поголема и од просечната плата.

Стандардот на граѓаните значително е намален. Војната во Украина, пандемијата и енергетската криза си го зедоа својот данок, значително стегнувајќи го ќесето на граѓаните. Владата делумно помага, но дали таа помош ќе биде доволна, останува да видиме.

Инаку, сметам дека платите во Македонија треба да се определат согласно основните трошоци за живот. Со оглед на тоа дека сме ориентирани кон оние западни европски вредности, треба да го земеме ова во предвид. Се додека немаме плата која е пресметана врз основа на трошоците, постојано ќе се вртиме во истиот круг. Младите ќе ни се иселуваат од земјава, а семејствата коишто немаат каде да одат, ќе страдаат од сиромаштијата.

Свесен сум дека некои од работодавачите ќе се бунат за ова, но сметам дека тоа кратко ќе трае, бидејќи ќе бидат принудени да се согласат со мерката. Мала дигресија, во текстилната индустрија во текот на овие две години имаше доста отпуштања, за да сега истата оваа индустрија има недостиг на работници. И не само текстилната, туку и останатите индустрии ќе ја научат лекцијата и ќе видат дека немаат друг избор освен да излезат во пресрет на барањата од страна на работниците.