СветСиндикат

Сè повеќе работници во Германија не можат да преживеат од платата: Ќе се зголеми ли минималецот на 15 евра?

Во Германија, една од најбогатите земји во светот, сè повеќе вработени со полно работно време не можат да ги покријат основните трошоци за живот. Ново репрезентативно истражување спроведено од институтот Форса по нарачка на Германскиот сојуз на синдикати (DGB) покажува дека дури 66% од граѓаните го поддржуваат зголемувањето на минималната саатнина од сегашните 12,82 на 15 евра.

Широка поддршка од јавноста, но политички поделби

Иако мнозинството граѓани ја поддржуваат оваа мерка, политичките партии остануваат поделени. Поддршката е особено силна кај поддржувачите на Социјалдемократската партија (SPD), Зелените и Левицата — со 88%, 86% и 82% поддршка, соодветно. Од друга страна, поголемиот дел од поддржувачите на Слободната демократска партија (FDP) и Алтернатива за Германија (AfD) се против. Според истражувањето, 61% од поддржувачите на FDP и 53% од гласачите на AfD сметаат дека зголемувањето би ѝ наштетило на економијата и би предизвикало дополнителен раст на цените.

Дури и кај конзервативните гласачи не постои целосен консензус. Така, 55% од поддржувачите на CDU/CSU и 58% од оние што го поддржуваат Сојузот на Захра Вагенкнехт се изјасниле во полза на зголемувањето.

Синдикатите предупредуваат

Претседателката на DGB, Јасмин Фахими, предупреди дека сè повеќе луѓе и покрај тоа што работат со полно работно време, живеат во сиромаштија.

„Платите што се под 60% од медијалната плата се сметаат за мали . Многу од овие луѓе се принудени да бараат социјална помош. Тоа е неприфатливо за земја што се смета за економска сила“, истакна Фахими.

Одлуката се очекува на крајот од јуни

Минималната плата во Германија моментално изнесува 12,82 евра по час. За евентуалното зголемување ќе одлучува независната Комисија за минимална плата на крајот од јуни. Ова тело е составено од претставници на синдикатите и работодавачите. Во 2022 година, работодавачите го надгласаа предлогот на синдикатите за зголемување.

Иако SPD и CDU/CSU во коалицискиот договор изразија дека целта од 15 евра е остварлива, конечната одлука ќе ја донесе Комисијата. Владата, пак, нагласува дека колективното договарање е клучно и дека целта е минималната плата да достигне 60% од медијалната заработка.

Со приближувањето на крајот од јуни, се очекува интензивна дебата помеѓу синдикатите, политичарите и работодавачите. Дали Германија конечно ќе добие минималец од 15 евра? Одговорот би можел да пристигне уште ова лето.

Извор: Radiosarajevo.ba