ЕкономијаСвет

Германија го зголемува минималецот од 1 јануари, фирмите најавуваат поскапувања и отпуштања

Германија од 1 јануари следната година ја зголемува минималната цена за работен час од 12,82 на 13,90 евра бруто. Истовремено, многу компании најавуваат поскапувања и намалување на бројот на вработени со цел да ги покријат зголемените трошоци, покажува извештајот на Институтот за економски истражувања (Ифо).

Најсилно влијание се очекува во секторите угостителство и малопродажба, каде што најголем дел од работниците имаат пониски плати.

Истражувањето покажува дека најчеста реакција на компаниите ќе биде зголемување на цените на производите и услугите, иако нешто помалку изразено отколку во 2022 година, кога минималецот последен пат значително се зголеми.

Наместо тоа, расте бројот на фирми кои најавуваат намалување на бројот на вработени и одложување на инвестициите. Ова укажува на притисок кој растот на минималната цена на трудот го создава во период на економска стагнација.

Многу компании директно погодени од зголемувањето на минималната сатница очекуваат и слабеење на профитабилноста, како и раст на влезните трошоци, вклучувајќи набавки и логистика. Значително се зголеми и уделот на фирми кои стравуваат дека поскапувањето на трудот ќе ја намали нивната конкурентност, што не беше толку изразена грижа при зголемувањето во 2022 година.

Од Ифо наведуваат дека влијанието на растот на минималецот зависи и од пошироката економска состојба во Германија. Привредата подолг период се соочува со предизвици, па негативните ефекти би можеле да бидат поизразени отколку во претходните циклуси на зголемување на минималната плата.

Извор: b92.net