ЕкономијаМакедонија

Светозар Јаневски на самитот на Македонија2025: Лидерството бара адаптација, трпение и разбирање на промените

Претседателот на управниот одбор на Тиквеш, Светозар Јаневски, на самитот на Македонија2025 говореше за предизвиците со кои се соочува Македонија, потребата од прилагодување на новите глобални трендови и важноста од разбирање на општеството и промените што доаѓаат.

Јаневски истакна дека денешниот свет бара постојана адаптација, особено во услови на климатски промени, енергетска транзиција и брз технолошки развој. Тој нагласи дека Македонија мора да се прилагоди на новите економски и енергетски текови, посочувајќи дека земјата постепено се движи од традиционални сектори кон инвестиции во енергетиката и одржливиот развој.

„Мора да бидеме адаптабилни во секој момент. Јас самиот сум се менувал повеќе од кој било камелеон во светот. За да успеете во ваква држава, мора да ги познавате луѓето и да разберете кои сме ние како Македонија“, порача Јаневски.

Тој зборуваше и за специфичностите на Балканот и мултикултурниот карактер на македонското општество, нагласувајќи дека лидерството и успехот бараат длабоко разбирање на менталитетот, разликите и предизвиците со кои живеат луѓето во регионот.

Во своето обраќање се осврна и на развојот на технологијата и вештачката интелигенција, потенцирајќи дека уште во 90-тите години започнале процесите на дигитализација, автоматизација и ИТ трансформација, додека денес младите генерации веќе активно работат со вештачка интелигенција.

Јаневски посочи дека животот и работењето во земји со ограничени финансиски ресурси е особено тешко, а нискиот животен стандард директно влијае врз толеранцијата во општеството.

„Толеранцијата е ниска кога има сиромаштија. Мора да го зголемиме стандардот и да научиме да живееме заедно, со визија за Македонија“, истакна тој.

Во инспиративно обраќање, тој се осврна на две клучни прашања: како се води тим со убедување кога резултатите се далечни, а притисокот е моментален, и дали трпението во лидерството е вродена особина или вештина што се учи.

Јаневски нагласи дека во кризни ситуации, лидерот не смее да се води од страв или краткорочни реакции, туку од рационални одлуки и стабилност.

Тој се осврна и на периодот на пандемијата, кога наместо отпуштања, компанијата се одлучила за пристап на заедништво и зачувување на вработените, со порака дека „во време на страв, најлоша одлука е да се засили стравот во организацијата“.

Одговарајќи на прашањето дали трпението е природно или научено, тој истакна дека лидерството и промените бараат време.

„Промената на културата во една организација трае со години,“ порача тој, додавајќи дека вистинските лидери мора прво да се променат себеси пред да очекуваат промена од другите.

Тој ја нагласи и важноста на личниот пример, посочувајќи дека вработените најчесто го следат однесувањето на лидерот, а не неговите зборови.

Во своето излагање, Јаневски зборуваше и за трансформацијата на бизнисот, посочувајќи дека од локална индустрија компаниите треба да се стремат кон меѓународна конкурентност.

Тој ја истакна и промената на економската структура во Македонија, нагласувајќи дека земјата повеќе не е доминантно аграрна, туку се движи кон поразновидна и извозно ориентирана економија.