Светски ден на наставникот: Да се врати достоинството на оваа древна професија
Бобан Илијевски
Денеска е Светскиот ден на наставникот, ден кога сите се потсетуваме на оние коишто секојдневно го вложуваат својот труд за да ни го пренесат знаењето од мали нозе и да не подготват за она што не очекува во понатамошниот живот.
Улогата на наставникот не е само да „предава лекции“, таа е многу поголема. Наставниците имаат големо влијание и во социјализацијата на учениците, но и воспоставувањето на нивната култура. На пример, тие први не учат дека преку улица треба да преминеме на пешачки премин и дека треба да почекаме семафорот да светне зелено за пешаци за преминеме преку улица. Ова се само некои од многу нешта коишто наставниците ги споделуваат со нас.
Оваа година, како и претходната, Светскиот ден на наставникот се одбележува во ек на пандемијата со Ковид -19, што значи дека сите настани околу повразни со овој ден нема да можат да се одбележат со физичко присуство.
Порталот Работник го контактираше Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК по повод Светскиот ден на наставникот.
Неделков посочи дека потребно е да се работи на враќање на достоинството на професијата наставник, потенцирајќи дека наставниците се свесни дека никој нема да им помогне и дека сами треба да се изборат за тоа.

Тој рече дека во Европа, Светскиот ден на наставникот се прославува во 51 држава од страна на 11 милиони просветни работници. Нагласи дека поради пандемијата, оваа година нема да можат да се одржат свечените академии по повод овој ден.
Во однос на проблемите на наставниците во Македонија, тој истакна дека треба да се работи уште за да се унапреди професијата и работничките права.
„Она што следува е креирање на нови колективни договори за основно и средно образование на кои треба да работат работни групи од СОНК и Министерството за образование и наука. Верувам дека со новите колективни договори дека ќе се решат многу проблеми кои ги засегаат наставниците. Еден од нив секако се платите коишто се уште се под просекот“, рече Неделков.
Фото: Pixbay

