Останато

Се чини оти заборавивте дека и работниците се гласачи?

Автор: Бобан Илијевски

На Меѓународниот ден на трудот – 1-ви мај двата најголеми синдикати во Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Сојузот на синдикати организираа протести преку кои, пред сѐ, побараа подобри работнички права. Сепак, главниот акцент беше ставен на енормното зголемување на платите на функционерите за 78 % до кое дојде откако Уставниот суд донесе одлука да го укине замрзнувањето на растот на нивните плати.

Револтот на синдикатите е оправдан, најмногу поради тоа што платите на работниците кои се моторот на економијата и државата, растат многу бавно и тешко, но и на тоа што на вработените во јавниот сектор чиј работодавач е државата им се нуди платите да им се зголемуваат за една петтина од растот на минималната плата рок од пет години. За вработените во приватниот сектор да не зборуваме, таму ситуацијата е уште полоша, бидејќи растот на платите најмногу зависи од волјата на работодавачите.

Дел од барањата беа повторно да се воведе исплаќање на трошоците за храна, мерка која и тоа како им е потребна на сите работници во државата, особено во време кога храната е скапа, а некои прехранбени производи стануваат и луксуз.

Синдикатите се побунија и против зголемувањето на прекувремената работа кое се најавува со новите законски измени. Мене лично не ми е јасно зошто мора да се зголемува прекувремената работа, кога законски предвидената се покажува како доволна. Мислам дека нема смисла повеќе да се чепка во тој дел од Законот. Конвенциите на Меѓународната организација на труд утврдуваат 40 – часовна работна недела. Овие плус 8 часа неделно или 190 часа годишно прекувремена работа не се измислени, туку се базирани врз веќе воведени стандарди.

Вчера, Владата на седница одлучи да поднесе пет закони до Собранието по скратена постапка, односно со европско знаменце. Еден од нив е и Законот за работните односи, т.е. предлог измените на овој Закон со кој се предвидува да се зголеми прекувремената работа. На овој потег на Владата се побунија сите синдикати кои излегоа со заеднички став. Со овој предлог, велат тие, Владата се обидува да не врати повеќе од 100 години во минатото и дека сака да наметне работна недела од 72 часа.

Во нивниот заеднички став стои и дека Владата не ги зема во предвид социјалниот дијалог и социјалните партнери и не бара согласност од нив за работи кои ги засегаат работниците. Ова, барем според мене, многу лошо ќе се одрази на партиите на власт на следните парламентарни избори. Тие изгледа заборавија дека и работниците се гласачи.

Мислам дека Владата се стави во една многу лоша ситуација со тоа што ги разбесни синдикатите и ги натера да се обединат и ќе речам уште еднаш, мислам дека тоа скапо ќе ги чини во 2024 година.

Во истиот став на синдикатите стои и дека со новите предлог законски измени се остава простор работниците да бидат експлоатирани. На ова реагираше заменикот – министер за труд и социјална политика, уверувајќи дека тоа нема да се случи. Нѐ уверуваат, но не ни кажуваат горна граница за тоа колку часа ќе може да се работи прекувремено. Последниот пат рекоа дека уште се дискутирало околу тоа. И сега, што да помисли човек? Ние добро знаеме дека во Македонија одредени луѓе се многу умешни во тоа да ги користат дупките во законите, па затоа не смее да се дозволи да се остават дупки во еден така важен Закон. Не смее. Тука се работи за безбедноста и здравјето на работниците. Важно напомена дека ќе имаат загарантирани 12 часа дневен одмор, но дали да веруваме и на тоа?

Велат ќе им плаќале 35 % по час за прекувремената работа. И мене сега тоа ми личи на суптилен обид работниците да се намамат да работат повеќе за да заработат дополнителни пари, притоа ризикувајќи го своето здравје и својата безбедност.

За крај, ваквите предлог измени се на штета и на семејниот живот, без разлика дали се однесуваат само на градежни работници или на сите работници во Македонија.

*Ставовите изразени во колумната не ги отсликуваат официјалните ставови на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk