ЕкономијаСвет

Секој петти Европеец во ризик од сиромаштија во староста

Секој петти Европеец е изложен на ризик дека во староста ќе живее во сиромаштија, а земјите на Европската унија треба итно да спроведат реформа на постојниот пензиски систем, предупреди директорката на Европската служба за осигурување и пензии, Петра Хилкема.

„Тоа е неверојатно висок процент, а кај жените ризикот е поголем за уште 30 проценти“, изјави таа за Политико.

Според неа, земјите на ЕУ треба автоматски да ги регистрираат вработените во пензиските системи, со цел да се заштити населението кое забрзано старее.

Проекциите се песимистички – за 40 години на еден пензионер ќе има само 1,5 вработени, што е двојно помалку од сегашниот однос.

Децении наназад, европскиот модел се темелеше на државните пензии, кои обезбедуваа сигурност за постарите граѓани. Но, со зголемувањето на животниот век и падот на наталитетот, трошоците за ваквите системи сè повеќе растат. Дополнителен товар претставуваат здравствената грижа и негата на старите лица, што го прави системот сè потежок за даночните обврзници.

Како едно од решенијата се предлага развој на комплементарни приватни пензиски системи или пензиски фондови поврзани со работното место, со цел граѓаните да можат да сметаат на повеќе извори на приход во староста.

Скандинавските земји се најдобро организирани во овој поглед, бидејќи имаат повеќе извори на финансирање за пензионерите, додека многу држави, особено од Источна и Јужна Европа, и понатаму најмногу се потпираат на државните пензии, пишува Политико.

Хилкема, која е на чело на Европската служба за осигурување и пензии (EIOPA) од 2021 година, смета дека постои замав за големи промени, кои ќе ѝ дадат поголема улога на оваа институција.

Во наредните месеци, Европската комисија ќе ги објави своите препораки за иднината на пензискиот систем и неговото финансирање, со цел да се одговори на демографските и финансиските предизвици во рамките на ЕУ.

Извор: b92.net