Останато

СИНДИКАТИТЕ ДЕЦИДНИ: ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ ВО ЈАВЕН СЕКТОР

Автор: Бобан Илијевски

Вчера бев сведок на настан каде што се случи обединување на синдикатите против Предлог Законот за плати во јавниот сектор, кој, таков каков што е, ја дерогира улогата на синдикатите, но и на колективното преговарање.

Ако се донесе истото, синдикатите нема да имаат никаква моќ да ги заштитат работниците.

Сите тие побараа од Владата да го повлече предлогот и заедно да седнат и да креираат ново решение кое нема да ги уназадува работничките права. Но, самото тоа што Владата решила да настапи со еден ваков предлог, јасно ја покажува нејзината намера – сама да одредува кој колку ќе зема плата, без притоа синдикатите да имаат збор во таа одлука. Тоа е недозволиво и таквиот потег би бил преседан во регионот, Европската унија, па и пошироко.

Предложеното законско решение е спротивно и на неколку конвенции на Меѓународната организација на трудот, особено Конвенцијата 98 за правото на организирање и колективно договарање.

Во Европската унија, европските синдикални централи се повеќе настојуваат да го зајакнат колективното преговарање, а тоа се прифаќа од страна на Европската комисија. Од друга страна, во Македонија власта сака да го снема истото (не)знаејќи дека тоа е спротивно на европските вредности.

Колективното договарање е една од најсилните алатки на синдикатите. Преку него тие ги зголемуваат правата на работниците кои се предвидени со закон, пред сѐ, во делот на платите, но и другите права како: прекувремената и ноќната работа и слично.

Може уште многу да се филозофира, но факт е дека сите синдикати, големи и мали, репрезентативни и нерепрезентативни, се против ова предложено законско решение.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk