Синдикатот за угостителство и туризам го поздравува успехот на СОНК
Синдикатот за угостителство и туризам го поздравува успехот на братскиот синдикат СОНК во унапредувањето на правата на вработените во детската заштита, основното и средното образование.
Мораме да укажеме на тоа дека СОНК покажа единство, истрајност и упорност во борбата којашто беше во вид на Генерален штрајк, а подоцна и преговори под покровителство на помирувач. Како резултат на преговорите, успеа да издвои 15 % зголемување на платите со септемвриската плата и дополнително 3,4 % од следната година. Воедно, голем успех за СОНК е тоа што ќе биде креатор на буџетот, особено во делот на платите, којшто е најважен сегмент од истиот за работниците.
Борбата на нашиот братски синдикат беше тешка и полна со предизвици и пречки, но сепак благодарение на единството на членовите на синдикатот, СОНК успеа да се избори за подобрување на работничките права.
Во оваа прилика, сметаме дека треба да кажеме дека СОНК во голем дел помага и во промоцијата на Синдикатот за угостителство и туризам, овозможувајќи ни голема логистичка, но и синдикална помош, од аспект на тоа што постојано не поддржува во нашите напори како синдикат во приватниот сектор, со што СОНК е активен поддржувач на синдикатите во приватниот сектор, што ни дава поголема сила и храброст и ние да успеаваме во нашите битки. СОНК е најголем грански синдикат во државата, но и на Балканот, па неговата поддршка е од големо значење за нас.
Посакуваме СОНК заедно со неговите членови да продолжат да бидат единствени и согласни и во иднина и да се борат за понатамошно унапредување на нивните права.

