СПМ го честита успешно реализираниот штрајк на СОНК
Синдикатот на Полиција во Македонија – СПМ им го честита остварениот успех на наставниците, воспитувачите и негователите во покачувањето на нивната основна нето плата од 15% и најмалку 3,4% од новата тековна година, како и потпишување на нови колективни договори во делот на детска заштита, основно и средно образование.
Овој успех го остваривте со истрајна и непоколеблива борба за остварување на Вашите права и барања и Ние како Синдикат Ви честитаме.
И, покрај очигледниот притисок од надлежните институции и нејасната почетна политика на надлежните институции Вашиот штрајк да го етикетираат како политички мотивиран, како и недоличните и навредливи напади кон Вашиот лидер со единство и слога и со учество од 95% од вработените во штрајкот, јасно ставивте до знаење дека безмалку сите вработени во образованието и градинките се борат за остварување на своите права без оглед на политичка и било друга припадност.
Со ваквиот однос ги принудивте надлежните институции да го сменат пристапот и сериозно да ги разгледаат Вашите барања и заеднички со Вас и Вашиот синдикат да бараат заедничко прифатливо решение.
Ваквото делување на еден синдикат е пример за почит, но и насока како треба да делува еден независен и самостоен синдикат. Демократските принципи на одлучување коишто беа демонстрирани од страна на раководството на СОНК се за сериозно почитување и за пример дека не сме сите исти во делот на начинот на водење на еден синдикат и пред се, слушањето на гласот на работникот.
Задоволни сме што во преговорите за мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор успеавте со Министерството за образование да најдете заедничко прифатливо решение за покачување на основната нето плата во образованието од 15% и најмалку 3,4% од новата тековна година, во услови на сериозна економска и здравствена криза.
Истовремено, успеавте со Министерството за образование и наука да постигнете договор да ги добиете платите во целост за време на штрајкот.
Се надеваме дека и Министерството за труд и социјална политика ќе има разбирање и на вработените во градинките нема да им бидат скратени платите за време на штрајкот.
Синдикален поздрав!

