Светот на работникот

Стресот на работно место Европа ја чини над 100 милијарди евра годишно: Висока цена плаќаат и работодавачите

Психосоцијалните ризици како што се стресот, прекумерното работно време, несигурното вработување и мобингот се одговорни за илјадници смртни случаи и милионски загуби во Европската Унија, покажува студијата на Европскиот институт за синдикати (ETUI). Само депресијата поврзана со условите за работа претставува над 80% од вкупните трошоци, кои најмногу ги сносат работодавачите поради падот на продуктивноста и отсуствата на вработените.

Според најновото истражување на ETUI, кое беше објавено во понеделникот, депресијата поврзана со работното место ја чини Европската Унија повеќе од 100 милијарди евра годишно.

Истражувањето ги анализира трошоците од кардиоваскуларни заболувања и депресивни нарушувања кои се поврзани со пет клучни психосоцијални ризици на работа:

  • хроничен стрес на работното место
  • прекумерно работно време
  • несигурно вработување
  • нерамнотежа меѓу вложениот труд и наградата
  • мобинг

Според податоците од 2015 година, овие ризици имаат и трагични последици.

„Околу 6.000 смртни случаи од коронарна срцева болест може да се поврзат со изложеност на психосоцијални ризици, додека повеќе од 5.000 смртни случаи се последица на самоубиства предизвикани од депресија“, изјави Соња Наврока, истражувачка во ETUI.

Во истиот период, изгубени се повеќе од 400.000 години живот поради срцеви заболувања и депресија, се вели во извештајот.

„Станува збор за смртни исходи кои можеле да се спречат“, предупредува Димитра Теодори, раководителка на одделот за безбедност и здравје при ETUI.

Институтот заклучува дека 8% од кардиоваскуларните болести и дури 23% од депресијата директно се поврзани со наведените психосоцијални ризици.

Овие фактори имаат директно влијание врз менталното здравје на работниците и претставуваат сериозен предизвик за пазарот на труд, продуктивноста и здравствениот систем на земјите членки на ЕУ.

Депресијата има своја цена – и ја плаќаат работодавачите

Ова е првата студија што ги квантифицира не само економските трошоци на депресијата, туку и на кардиоваскуларните болести, особено коронарната срцева болест и мозочниот удар, поврзани со психосоцијалните фактори на работа.

Според анализата, најпогодени земји (гледано по 100.000 вработени) се Франција, Белгија, Финска, Ирска и Холандија.

Иако финансискиот товар се дели помеѓу работодавачите и работниците, тој не е рамномерно распределен.

„Кај двете категории болести, најголемиот товар го сносат вработените, но и работодавачите. Кога станува збор за депресијата, се проценува дека повеќе од 80% од вкупните трошоци во Европа во 2015 година биле поврзани со психосоцијалните ризици на работа“, објаснува Соња Наврока од ETUI.

Работодавачите го чувствуваат тој товар преку намалена продуктивност и отсуства на работниците.

Посебно загрижува појавата на презентизам – ситуација кога вработени доаѓаат на работа и покрај лошата здравствена состојба, особено кога станува збор за ментално здравје, но не се во состојба да ја извршуваат својата работа ефикасно.

Потреба од европска законска рамка

Во светло на овие податоци, Европскиот институт за синдикати ја повикува Европската комисија да предложи нов законодавен акт за превенција на менталните нарушувања на работа. ETUI смета дека директивата треба да вклучува конкретни насоки за работодавачите.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека универзално решение не постои – мерките за превенција мора да бидат прилагодени на специфичностите на секое работно место и секој работник. Вклучувањето на вработените во процесот на превенција е клучен дел од ефикасниот пристап.

Овие податоци се базирани на истражувањето на Eurofound од 2015 година. Иако условите за работа во ЕУ се анализираат на секои пет години, пандемијата во 2020 година го прекина редовниот процес на собирање податоци. Новата анализа се очекува во текот на оваа година, а ETUI планира врз основа на неа да ги продолжи истражувањата и да ги спореди трендовите на ризици по здравјето на работа.

Извор: EUupravozato