Треба да се субвенционираат придонесите за да се зголемат платите, а со тоа и да има поголем интерес за работа
Немањето на соодветен кадар за потребите на компаниите преставува еден од најголемите проблеми со коишто се соочува бизнис секторот во Македонија.
Дуалното образование – решение или „замачкување“ на проблемот
Граѓаните велат дека причина за тоа се ниските плати и недостатокот на мотивација поради истите. Од друга страна, компаниите велат дека за да растат платите, треба да расте и продуктивноста. Таа, како што велат, моментално е на ниско ниво.
Голем дел од компаниите спасот го гледаат во дуалното образование, кое може да им обезбеди потенцијален кадар.
Во Македонија најмногу преовладуваат трудоинтензивните дејности кои имаат ниска додадена вредност
Проблемот со расчекорот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила доаѓа од желбите и интересите на младите луѓе и можностите што им ги нуди нашето стопанство.
Ова за порталот „Работник“ го вели Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров.
Во Македонија, како што вели, се‘ уште преовладуваат трудоинтензивните дејности кои има многу ниска додатна вредност. Истите не можат да исплаќаат плати, какви што посакуваат младите луѓе.
„Затоа во средните стручни училишта се запишуваат многу малку ученици. А и поголемиот дел од оние кои се запишуваат немаат некои симпатии за звањето за кое се школуваат. Очигледно интересот им е да завршат било какво училиште, а среќата да ја гледаат надвор од државата“, вели Димитров.
Дејностите каде што „се парите“, немаат можност за многу вработувања
Според него, попропулзивните дејности кои исплаќаат поголеми плати немаат можност за вработување на голем број работници. Такви дејности се хемиската, телекомуникациите, компјутерските, фармацијата, електро – опремата и сл.
За разлика од нив, вели Димитров, во преработувачката индустрија, градежништвото, трговијата и другите трудоинтензивни дејности, од година во година има се помалку вработени.
Субвенционирање на придонесите – единствен начин да се зголемат платите
Дуалното образование, објаснува, е одлична можност, но само за секторите каде има интерес од страна на учениците.
Имаме многу добри примери со ЕВН, Ренова и некои други компании кои на одличен начин ги покажуваат предностите на дуалното образование. Учениците стекнуваат практични знаења и се способни веднаш по завршување на средното стручно училиште да отпочнат со работа. Работодавачите ги специјализираат учениците за своите потреби и можат уште во текот на практичната настава да ги одберат најдобрите ученици и веднаш да им понудат вработување“, вели Димитров.
Ова е многу тешко да се постигне во текстилната, кожарската индустрија или во градежништвото. Единствен начин за да се зголеми интересот на учениците за средните стручни училишта за овие дејности е преку владини субвенции на придонесите. Преку субвенциите би можеле да се поттикнат поголеми плати за работниците, а со тоа овие дејности би биле поинтересни за учениците, смета Димитров.
Младите попрво би отишле во странство отколку да се преквалификуваат
Слаб е интересот за преквалификување и доквалификување на оние коишто не поседуваат вештини за да работат во дејностите каде што има потреба од работна сила. Невработените луѓе, особено младите, попрво би избрале да заминат во странство, отколку да стекнат квалификации за одредена дејност.
Димитров вели дека голем износ од средствата од активните политики за вработување остануваат неискористени. Toa e поради немањето на интерес од страна на невработените.
Без соодветна стратегија со заминувањето во пензија на постарите работници, дејностите коишто имаат голем недостиг од работници, постепено ќе изумираат. Трендот на иселување ќе продолжи и понатаму, подвлече Димитров.
„Стручните училишта мора да се вратат во ‘мода’“
Катерина Златановска – Попова, Советник за кариерен развој, за порталот Работник вели дека дуалното образование кај нас е застапено од пред повеќе од 5 години. Вели дека најголемиот дел било само на хартија, нагласувајќи дека последнивие 2 години се прават напори за да заживее во пракса.
Стручните училишта мора да се вратат „во мода“ што поскоро, вели Златановска – Попова. Според неа, тие не нудат само можности за стипендирање за време на школувањето и вработување. Имаат можност да им дадат конкретен „занает“ на младите, што ќе ги направи да бидат поконкурентни на пазарот на труд.
Потребна е примена на моделот кој го имаат Германија и Швајцарија
Златановска – Попова вели дека клучни чекори за обезбедување на млади квалитетни кадри се:
- Проценка на интересите на децата уште во основно училиште од страна на обучени кариерни советници и
- Креирање на современи и атрактивни програми во стручните училишта креирани по мерка на реалните потреби на компаниите прилагодени на денешните модерни индустрии.
„Тука е можеби и најважната промена која треба да заживее кај нас во целост што поскоро. Можност за учење на работно место, модел кој го имаат во Германија и Швајцарија. Таму на пример, учениците 3 дена од неделата поминуваат во тренинг центрите на компаниите со кои имаат потпишано договор за пракса. За истата тие дури се и симболично платени што е посебна мотивација за младите. Останатите 2 дена ги поминуваат во училиште со своите наставници. Потоа, вака обучените ученици добиваат понуда за вработување во компанијата или пак можат да изберат да продолжат на факултет“, вели Златановска – Попова.
Ваквите промени на моделот на стручното образование се решение на актуелните „главоболки“ за кое ќе треба силна, посветена и истрајна соработка. Најмногу помеѓу бизнисите и креаторите на образовни политики.
Потребна е јавна промоција на бараните професии
Во однос на слабото користење на мерките за преквалификација и доквалификација, според Златановска – Попова исклучително важна улога имаат институциите како АВРМ и нивните ново обучени центри за кариера. Исто така, клучна улога имаат и центрите за обука и образование на возрасни. И секако, по углед на моделот во Франција, креирање на локални центри кои би биле водени од невладини организации. Тие, вели, би имале улога на хабови. Би им користеле и на корисниците, но и на бизнис заедницата.
„Клучен е личниот и директен контакт со лицата и ваквите центри би можеле да им ја дадат соодветната првична поддршка. Дополнително, јавната промоција на бараните професии и дополнителни мерки кои ќе бидат достапни за луѓето можат да направат разлика“, заклучи Златановска Попова.
90 % од компаниите покажале интерес за вклучување во процесот на дуалното образование
Од Министерството за образование и наука велат дека расте интересот на компании коишто сакаат да се приклучат кон дуалното образование.
За ова, според МОН, потврда е и прашалникот којшто го спровеле пред да започне дијалогот оваа година. Него го одговориле околу 400 компании.
„Дури 90 % од овие комапнии, се изјаснија дека се подготвени да се вклучат во дуалното образование. Односно да примаат ученици на пракса во учебната 2022/23 година. Така што, бизнис заедницата е клучна во спроведувањето на концептот на дуално образование. Драго ми е што сакаат да учествуваат во тоа“, истакна неодамна Министерот за образование, Јетон Шаќири.
Фото: Freepik

