Хаос во Грција: Сѐ застана поради штрајкот
Поради штрајкот на работниците ширум Грција, сопре сообраќајот и работата на јавните служби. Синдикатите протестираат против планираните реформи во сферата на работните односи кои би овозможиле продолжување на работното време во приватниот сектор.
Поради штрајкот, бродовите останаа во пристаништата, а железничкиот сообраќај е целосно запрен, пренесе утрово „Ројтерс“.
Ова е втор голем протест овој месец, организиран од најголемите грчки синдикати од јавниот и приватниот сектор – АДЕДИ (ADEDY) и ГСЕЕ (GSEE).
Демонстрациите се планирани да се совпаднат со парламентарната расправа и гласањето за предлог-законот за реформа на трудовиот систем. Во штрајкот учествуваат и лекари и новинари од јавниот сервис, а се очекува протестната поворка да се движи кон зградата на парламентот денес напладне по локално време.
Што предвидува нацрт-законот?
Владиниот нацрт-закон предвидува дека работодавачите можат да го продолжат работното време, да добијат поголема флексибилност во краткорочното вработување, како и нови услови за годишните одмори во приватниот сектор.
Владата тврди дека реформите ќе го модернизираат пазарот на трудот и ќе ги заштитат вработените од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Сепак, синдикалните организации предупредуваат дека предлогот ги нарушува работничките права, го укинува осумчасовното работно време и го ослабува колективното договарање, додека платите сè уште се меѓу најниските во Европската Унија.
„Наместо да ги зголеми приходите на работниците и да ги зајакне јавните услуги, владата законски воведува можност за работа кај повеќе работодавачи и исцрпувачко работно време“, соопштија синдикатите АДЕДИ и ГСЕЕ.
Според податоците на Евростат, куповната моќ на Грците останува меѓу најниските во Европската Унија, и покрај растот на платите и намалувањето на невработеноста по кризата од 2009 до 2018 година.
Извор: b92.net

