Останато

Царовска во Лозово: Учениците добија нова спортска сали, пандемијата не е препрека да инвестираме во квалитетно образование за секое дете

Големите спортски успеси кои не прават горди како поединци и како држава, најчесто почнуваат од училишната сала. Затоа е многу значајно што училиштето “Методи Митевски-Брицо”, во општина Лозово, за прв пат добива спортска сала. Проектот е целосно финансиран од Министерството за образование и наука и покажува дека реконструкцијата и изградбата на нови училишни објекти и спортски сали ни е подеднакво важна како и вложувањата во нови наставни програми и учебници но и во капацитетите на наставниот и стручниот кадар, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по обиколката на извршените работи на салата, заедно со претседателот на Владата Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

Царовска нагласи дека Министерството и Владата градат и во услови на пандемија, затоа што инвестирањето во современо образование и услови за спортување е врвен приоритет. Околностите можат да бидат препрека или поттик, посочи Царовска додавајќи дека децата, кои се иднината на оваа земја, имаат право на квалитетно образование. Само за инфраструктурни зафати во образованието, МОН годинава обезбеди 1 милијарда денари, што е за 2,5 пати повеќе од ланскиот буџет.

Вредноста на инвестицијата во новата спортска сала е 24 милиони денари. Салата е опремена и со современа опрема и реквизити, со што над 200 ученици добиваат подобри услови за редовно одржување на часовите по физичко образование, коишто се важен услов за подобро физичко и ментално здравје на учениците.

Но, за да можат децата непречено да спортуваат, Царовска укажа дека е неопходно сите да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот. Почитувањето на протоколите, носењето маски и честата дезинфекција на рацете и просторот ќе помогнат во заштитата на личното и јавното здравје.

Само со одговорно однесување на секој од нас, ќе го задржиме минималното ниво на активни случаи меѓу учениците и наставниците. Искуството од минатата година покажа дека внатре во училиштата немаше трансмисија, а почитувањето на здравствените протоколи ќе овозможи така да биде и оваа учебна година. Министерката Царовска кажа дека Министерството за образование е подготвено и за комбинирана и за онлајн настава, но најквалитетно учење се реализира во училиште.