Царовска: За првпат воведуваме национални стандарди кои ги определуваат компетенциите што учениците треба да ги стекнат во деветтолетка
Министерката за образование и наука Мила Царовска одговарајќи денес на пратеничко прашање рече дека не само што се неопходни, туку се потребни итни, сеопфатни и суштински реформи на основното образование во Република Северна Македонија. Царовска посочи дека Концепцијата се носи врз основа на Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, дел е од Законот за основно образование донесен пред околу една година, но и од самата владина програма.
„Со предложената нацрт концепција токму и тоа го нудиме. За прв пат се воспоставуваат национални стандарди со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат учениците во текот на деветтолетката, а тоа се: јазична писменост; користење други јазици; математика, природни науки и технологија; дигитална писменост; личен и социјален развој; демократска култура и граѓанство; претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура. Досега целото образование беше содржински насочено, а за прв пат се воспоставува образование коешто ќе гледа резултати од учење, што е меѓународен стандард“, рече Царовска.
Министерката истакна дека со реформите во основното образование децата ќе учат на основните граѓански вредности, на мултикултурализам и еднаквост.
„Со новата концепција идни генерации преку она што ќе го научат во училиште треба да знаат да одговорат на предизвиците од секојдневниот живот. Да ги решаваат проблемите со разбирање и со анализа на факти. Тоа не е случај сега, а доказ за тоа се лошите резултати на меѓународните тестирања и од меѓународните и домашните анализи, кои укажуваат на итност и нужност од промена на образовниот модел“, рече Царовска.
„Со новата концепција треба да ја промениме ваквата состојба и да ги подобриме резултатите. Но не вложуваме само во учениците, туку и во наставниците затоа што тие се срцето на образованието. Затоа истовремено со реформата воспоставуваме и кариерен развој кај наставниците коешто ќе значи нивно унапредување но и вреднување на трудот и посветеноста“, рече Царовска

