Жените го зеле приматот на пазарот на труд: Првпат вон рецесија имаат повеќе работни места од мажите
Промената која долго се чинела речиси незамислива сега се случува пред нашите очи – жените држат повеќе платени работни места од мажите. Но зад овој историски податок се крие многу поголема промена на економијата и општеството.
Ако го погледнеме американскиот пазар на труд пред неколку деценции, тешко би можеле да ја замислиме денешната статистика. Сега жените имаат повеќе платени работни места од мажите.
Пресвртот се случил на почетокот на 2026 година, кога бројот на жени на американските неземјоделски платни списоци првпат го преминал бројот на мажи во период кој не бил обележан со рецесија. Во март, Hiring Lab на Indeed констатирал дека разликата практично исчезнала, а жените држеле нешто повеќе работни позиции од мажите.
Според анализата на економистот Џастин Волферс, жените на почетокот на јуни сочинувале околу 50,02 % од сите неземјоделски payroll работни места. Од почетокот на втората администрација на Дондалд Трамп, жените добиле околу 403.000 од вкупно 468.000 нови payroll работни места, додека на мажите им припаднале околу 65.000. Бројката е мала кога ќе се погледне процнетот. Но приказната зад неа е огромна.
Не е првпат – но сега е поинаку
Ова не е првиот историски момент во кои жените имале повеќе работни места од мажите.
Сличен пресврт се случил во текот на Големата рецесија, кога силниот пад на вработеност ги погодил индустриите во кои мажите биле позатапени. Жените кратко време го сочинувале поголемиот дел од вработените и на почетокот од 2020 година, непосредно пред пандемијата потполно да го промени пазарот на труд.
Но сега нема рецесија која би можела едноставно да ја објасни промената. Затоа економистите во овој случај гледаат нешто поинтересно: се променила стуктурата на американската економија.
Економијата повеќе не изгледа како пред 30 години
Една од клучните причини се наоѓа во индустриите кои моментално вработуваат.
Здравството, образованието, социјалните услуги и другите дејности во кои жените традиционално чинат голем дел од работната сила во последните години бележат релативно силен раст на вработеноста. Истовремено, дел од индустриите во кои доминираат мажите растат побавно или губат работни места.
Hiring Lab на Indeed уште минатата година предупредил дека најголемиот дел од новите вработувања ќе се концентрираат токму во сектори во кои жените го сочинуваат поголемиот дел од работната сила.
Скратено: не се случило само тоа жените да почнат масовно да влегуваат во „машките“ професии. Се променило и она што економијата го бара. А жените моментално се подобро позиционирани во делот на пазарот кој расте.
Мажите не исчезнуваат од пазарот на труд – но се повлекуваат
Вториот дел на приказната се однесува на мажите. Според анализите Hiring Lab на Indeed, во текот на претходните 12 месеци бројот на позиции кои ги држат мажите е намален за околу 142.000, додека жените добиле околу 298.000 позиции. Од февруари 2024 до февруари 2026, американската економија добила околу 1,2 милиони позиции, а околу две третини од тој раст им припаднал на жените.
Тоа не значи дека мажите масовно остануваат без работа. Важен дел од приказната е и учеството во работната сила – односно одлуката дали некој воопшто ќе работи или активно ќе бара работа.
Мажите во последните децении постепено го изгубиле делот од традиционалната предност на пазарот на труд, додека некои групи се’ повеќе се оддалечуваат од формалното вработување. Економистите меѓу причините ги наведуваат промените во структурата на индустриите, недостатокот од работни места кои одговараат на одредени квалифкации, промени во образование и семејните образци, но и пошироките општествени проблеми.
Жените сега не се само дополнителен приход во домаќинството
И тука доаѓаме до можеби најважната последица. Ако жените имаат се’ поголема улога на пазарот на труд, тие се’ почесто стануваат главен или рамноправен извор на приходи во домаќинството.
Моделот на семејство во кое мажот носи плата, а жените евентуално работат „на страна“, се’ помалку одговара на реалноста на големиот дел од развиените економии.
Жената која заработува станува финансиски самостојна. Но истовремено се менува и преговарачката позиција во семејството: кој ќе земе боледување кога детето ќе се разболи, кој ќе прифати помалку платена работа со флексибилно работно време, кој ќе се пресели поради кариерата и чија работа ќе биде „поважна“ за куќниот буџет. Економијата така почнува да го менува и приватниот живот.
Но повеќе работни места не значат и повеќе пари
Тука е важно да се направи разлика помеѓу бројот на вработени и платата. Жените можат да имаат повеќе работа, а и понатаму во просек да заработуваат помалку од мажите.
Според податоците на американското Биро за статистика на трудот, медијалната неделна заработка на жените кои работат со полно работно време во првиот квартал од 2026 година изнесувала 1.098 долари, додека за мажите 1.362 долари. Со други зборови, историскиот пресврт во бројот на работни места се’ уште не исто што и пресврт во приходите.
Родовиот јаз во платите и понатаму постои, дури и кога ќе се споредат луѓето кои работат во исти занимања. Анализата на Институтот за истражување на женски политики покажала дека жените во 2025 година заработувале помалку од мажите во сите 20 занимања кои вработуваат најмногу жени, како и во сите 20 занимања кои вработуваат најмногу мажи.
Затоа би било погрешно оваа статистика да се прогласи за „победа на жените над мажите“. Таа пред се’ е показател дека правилата на игра се менуваат.
А тогаш доаѓа и вештачката интелигенција
Промената е особено интересна во моментот кога пазарот на труд се наоѓа пред уште еден голем пресврт – вештачката интелигенција. Тука се појавува малку парадоксална слика.
Едно ново истражување на Стенфорд и ADP покажува дека помладите жени, на возраст од 22 до 25 години, во моментов се дури и во понеповолна положба од мажите кога станува збор за растот на вработеноста во одредени почетни работни места. Жените, имено, се почесто застапени во професии кои се повеќе изложени на генеративната вештачка интелигенција.
Тоа значи дека историскиот момент во кој жените имаат повеќе вкупни работни места не мора автоматски да значи дека така ќе изгледа и иднината. Пазарот на труд повторно се менува.
Кој ќе биде новиот „хранител на семејството“?
Можеби затоа најинтересното прашање е што ќе се случи кога оваа статистика ќе стане нормалност, а не вест. Кога жената има постабилна кариера, поголема плата или работа што е побарана од онаа на нејзиниот партнер, традиционалните улоги почнуваат да ја губат својата економска основа.
Мажот веќе не е нужно „хранител на семејството“ само затоа што е маж. Жената веќе не е нужно личноста која ќе направи кариерен компромис поради семејството.
И токму тука завршува приказната за една статистика, а почнува приказната за промена на општествениот модел. Зашто можеби најголемата промена не е во тоа што жените сега поседуваат 50,02 отсто од работните места, туку во тоа што генерацијата која денес влегува на пазарот на труд сè помалку ќе разбира зошто нечиј пол воопшто би одредувал кој треба да биде главниот хранител.
Пазарот на труд веќе почна да ја покажува оваа промена. Сега прашањето е колку брзо ќе ја прифати и остатокот од општеството.
Извор: BIZLife.rs

