Граѓаните бараат државата да пропише колку смее да биде топло на работното место
Големо мнозинство граѓани во Велика Британија сметаат дека државата треба законски да ја ограничи максималната температура на работните места во текот на летните горештини, покажува ново истражување на јавното мислење.
Анкетата, која за организацијата „Пријатели на Земјата“ ја спроведе „ЈуГов“, опфати повеќе од 2.000 полнолетни испитаници. Дури 79 отсто од нив поддржуваат воведување горна граница на температурата во затворените работни простории, пренесува „Скај њуз“.
Во моментов нема законски пропишана максимална температура
Во Велика Британија во моментов не постои законски утврдена ниту минимална ниту максимална температура за работа во затворен простор.
Барањата за промена на прописите стануваат сè погласни поради сè почестите топлотни бранови. Независни советници на британскиот Комитет за климатски промени претходно годинава ѝ препорачаа на владата да воведе максимално дозволена температура на работните места.
Според нив, ваквата мерка би помогнала подобро да се заштитат вработените од последиците од високите температури, но и да ги поттикне работодавачите да инвестираат во системи за ладење.
Поддршка и од синдикатите
Предлогот за законско ограничување на температурата го поддржаа и британските синдикати.
Конгресот на британските синдикати оцени дека земјата мора да се приспособи на сè потоплите лета и да обезбеди побезбедни услови за работа.
Синдикатот „Унисон“, пак, ги повика работодавачите да им овозможат на вработените пофлексибилно работно време за во текот на големите горештини, за да можат да работат во деловите од денот кога температурите се пониски.
Извор: Blic.rs

