Светот на работникот

Вештачката интелигенција требало да ни заштеди време, а сега колегите со часови ги исправаат нејзините грешки

Вештачката интелигенција влегла во мејловите, презентациите, извештаите, анализите и речиси секој друг дел од канцелариската работа. Идејата била едноставна: помалку време на рутински задачи, повеќе време за размислување.

Во поединечни тимови се случува токму спротивното. Вработените се’ почесто добиваат материјали кои на прв поглед изгледаат завршено и професионално, но зад уредната форма нема доволно точност, контекст или вистинска промисленост. Наместо ВИ да ја забрза работата, некој друг на крајот мора да ја проверува, исправува или да ја сработи речиси отпочеток.

За овој феномен веќе постои и назив – workslop.

Кога ВИ ќе ја заврши работата, но работата всушност не е завршена

Workslop е содржина направена со помош на вештачката интелигенција која делува како да ја исполнува задачата, но му недостигаат суштина, прецизност или адекватна човечка проверка.

Тоа може да биде презентација која изгледа одлично, но не одговара на најважното прашање, анализа со погрешни заклучоци, генерички мејл кој не го зема предвид контекстот или документот кој е толку опширен што колегата мора прво да сфати што авторот воопшто сакал да каже.

Проблемот затоа не е само квалитетот на ВИ содржините. Проблемот настанува кога времето кое едно лице го заштедело со користење на ВИ е всушност префрлено на некој друг.

Едно истражување на Zety покажало дека 66 % од вработените трошат и до шест часа или повеќе на исправање на грешките настаните поради workslop. Секој петти испитаник вели и дека неквалитетната ВИ работа често се толерира доколку задачата е завршена во зададениот рок.

Колегата завршил за десет минути, вие го поправате два часа

Тука се појавува еден интересен парадокс на ВИ продуктивност.

Ако вработениот со помош на ВИ за десет минути изработи документ кој инаку би му одзел еден час, на хартија е попродуктивен. Ако неговиот колега потоа мора да ги проверува фактите, да ги преправа форумлациите, да го дополнува контекстот и да открива што всушност требало да направи, компанијата можеби не заштедила ништо.

Форбс предупредува токму на тоа во текстот за се поприсутниот ВИ слоп на работните места: ВИ би требало на луѓето да им ослободи време за размислување,а не да го замени самото размислување. Последиците од претераното потпирање на генеративните алатки веќе се гледаат во генеричките мејлови, докумнетите и другите материјали кои носат препознатлив ВИ образец, но мал индивидуален придонес од личноста која ги испраќа.

Со други зборови, проблемот не е користењето на ChatGPT или некоја друга алатка. Проблемот е моментот кога „направи ми го ова“ ќе стане замена за „размисли за ова.“

Workslop не го троши само времето

Последиците не се ограничени само на неколку изгубени часа.

Истражувањето на Zety го поврзува workslop-от со зголемениот стрес, понискиот морал, падот на продуктивноста и согорувањето на вработените.

Посебно интересен проблем настанува кога неквалитетна ВИ содржина не доаѓа од колега, туку од надреден.

Во друго истражување на Zety, спровдено меѓу 1.000 вработени во САД кои имале искуства со workslop, 55 % од испитаниците рекле дека таква содржина веќе добиле од менаџерот или супервизорот. Дури 85 % наведуваат дека добивањето на workslop од раководителите ја намалило нивната доверба во лидерството.

И тоа не е тешко да се разбере.

Ако вработениот бара конкретен фидбек за проектот, очекува искуство, процена и мислење од својот менаџер. Генеричкиот ВИ одговор можеби е граматички совршен, но тешко може да ги замени неколкуте реченици кои покажуваат дека некој навистина го погледнал сработеното.

ВИ не е проблем, туку отсуството на правила

Една од причините поради која workslop се шири може да биде и тоа што многу компании воведуваат ВИ многу побрзо од што развиваат правила за нејзино користење.

Во истражувањето на Zety, 24 % од вработените велат дека од работодавачот не добиле никаква обука или насоки за работа со ВИ, додека само 31 % добиле подетална обука и континуирана поддршка. Како најважни решенија вработените ги наведуваат појасните стандарди на квалитетот и подобрата ВИ едукација.

Тоа значи дека на компниите веројатно не им е доволно да купат ВИ алатка и да им порачаат вработените да ја користат што е можно повеќе.

Потребно е да се дефинира и за што да се користи, кога да не се користи и кој одговара за конечниот резултат.

ВИ може да биде многу корисен за резимирање на состаноците, средување на белешките, правење на првиот нацрт или автоматизација на повторувачките задачи. Но ако станува збор за процена на работата на вработениот, осетлив разговор со колега или одлука која изискува искуство и контекст, потполното препуштање на задачите на алгоритмот лесно може да направи повеќе проблеми отколку да реши. Форбс токму затоа им препорачува на тимовите јасно да ги договорат гранците и правилата за употребата на ВИ наместо секој вработен сам да одреедува што е прифатливо.

Нова канцелариска вештина: да знаете кога да не користите ВИ

Добрата работа со ВИ затоа, веројатно, нема да значи само да се знае да се напише вистинскиот промпт.

Се’ поважна вештина ќе биде проценката кога технолгијата навистина ја забрзува работата, а кога произведува само уште еден слој на содржина која некој подоцна мора да ја обработува.

Пред вработениот да кликне „send“, прашањето повеќе не е само „Дали Ви ова го заврши?“

Многу поважно станува прашањето: „Дали јас би го ставил своето име под ова?“

Ако одговорот е не, задачата веројатно се’ уште не е завршена.

Извор: BIZLife.rs