Колумни

Црни точки во светлата професија

Денеска е Ден на македонското новинарство. По тој повод би сакал да споделам мое мислење за новинарството во Македонија. Мислам дека со тоа што поголем период сум активен во професијата, имам право на тоа.

Да се биде новинар во Македонија е тешка задача, исполнета со секојдневни предизвици и пречки.

Една од најголемите пречки е непрофесионализамот. Има еден куп на “новинари” кои демек работат некакво “новинарство”, а во суштина се пропагадна машинерија на одредени центри на моќ. Овие т.н. новинари се црна точка во нашата светла професија и мора да се изнајде начин кој ќе помогне во тоа да се отстранат од медиумскиот простор. Во најмала рака да се намали нивниот број.
Порталите, мислам дека многу добро им дојдоа на овие новинари. Преку нив имаат можност да ја шират пропагандата уште помасовно и да опфатат поголем број на луѓе.

Негативна страна е тоа што новинарите се слабо платени. Имам информации дека новинари вработени во портали земаат по 15,000 денари плата, а притоа работат по цели денови. Не им е платена прекувремена работа, немаат социјално осигурување… Не примаат никакви дополнителни надоместоци.

Поради ова, немаме ни кадар и нема да имаме се додека не се промени целата ситуација.
Има уште многу нешта да се зборуваат на оваа тема, но доста е за оваа мини колумна.

За на крај морам да наведам и една позитивна страна, тоа што се уште има вистински новинари кои ја работат професионално оваа работа и не се откажуваат од неа и покрај сите негативности.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk