Останато

Што се европски работнички совети?

РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО

Тема: Европски работнички совети

Минатата недела симултано во Скопје и во уште неколку други држави се одржа меѓународна конференција помеѓу земјите кандидати на Европската Унија каде се дискутираше за идејата за Европските работнички совети. Ваквата инцијатива датира уште одамна каде во 1994 година е донесена и првата Европската директива 94/45/EC за работничките совети и истата е преработена во 2009 година по постигнување на политички концезус. Што се европски работнички совети (ЕРС)?
Европските работнички совети се тела кои ги претставуваат европските вработени во една транснационална европска компанија. Преку нив работниците се информираат и се консултираат од раководството за напредокот на бизнисот и за секоја значајна одлука на европско ниво што може да влијае на нивното вработување или работни услови.
Земјите-членки имаат право да основаат европски работнички совети во оние компании со најмалку 1000 вработени во ЕУ и другите земји од Европската економска област, доколку имаат најмалку 150 вработени во минимум две земји-членки. Во нашата држава имаме Закон за работнички совети кој е донесен уште во 2012 година меѓутоа истиот ќе започне со примена со членството на Република Македонија во ЕУ. Тоа што е карактеристично, особено за земјите кои не се членки на ЕУ е фактот дека содржините кои се преговарани и за кои е постигнат договор помеѓу менаџментот и вработените имаат сила на закон, и истите ќе се применуваат и во фирмите-ќерки во земјите кои не се членки на ЕУ.
Советите работат само за транснационални прашања, тие претставуваат помека структура во однос на синдикатите и немаат овластување за преговарање, односно не можат да започнат преговори. Раководството или пак вработените се тие кои треба да преземат иницијатива и да побараат формирање на европски работнички совет, ваквото барање не може да дојде однадвор. Европските работнички совети имаат за цел да го унапредат правото на информирање и консултирање за транснационалните прашања и да влијаат на унапредување на дијалогот меѓу социјалните партнери.
проф. д-р Лазар Јовевски