ЕУ воведува нови давачки за Tему и Шејн: Крај на евтиното онлајн купување од 1 јули
Европската Унија подготвува голема промена што директно ќе ги погоди милионите граѓани кои секојдневно купуваат преку онлајн платформи како Тему и Шејн. Од 1 јули 2026 година стапува во сила нова царинска давачка од три евра за сите мали пратки до 150 евра што пристигнуваат од земји надвор од Европската Унија.
Со ова практично завршува ерата на „евтино онлајн купување“, бидејќи досегашното ослободување од царина за вакви пратки се укинува. Новата мерка е дел од поширока реформа со која Брисел сака да воведе поголема контрола врз огромниот број евтини производи што секојдневно пристигнуваат во Европа.
Според податоците на Европската комисија, само во текот на 2024 година во ЕУ пристигнале повеќе од 4,6 милијарди пакети со ниска вредност, односно околу 12 милиони пратки дневно. Европските власти сметаат дека ваквиот модел создава нелојална конкуренција за домашните трговци, кои мораат да плаќаат царини, даноци и да ги исполнуваат строгите европски стандарди.
Новите правила најсилно ќе ги погодат купувачите на евтина облека, модни додатоци, козметика и ситна електроника. За производ што чини пет или десет евра, дополнителната давачка од три евра претставува значително поскапување.
Дополнителен проблем е што таксата нема да се пресметува само по пакет, туку по категорија на производи. Тоа значи дека доколку една пратка содржи различни видови артикли, за секоја категорија ќе се плаќа посебна такса.
На пример, ако купувач нарача памучна маица и свилена маица во ист пакет, тие ќе се третираат како две различни тарифни категории, па вкупната царина ќе изнесува шест евра.
Од Европската Унија велат дека ова е привремено решение до 2028 година, кога треба да стартува целосно нов царински систем за онлајн трговија. Целта е да се намали притисокот врз царинските служби и да се воспостават пофер услови за европските компании.
За потрошувачите, тоа значи дека импулсивното купување евтини производи од азиски платформи наскоро би можело да стане многу поскапо отколку досега.

