ПравдаСветот на работникот

Јовевски: Администрацијата треба да стане непривлечна за да се поддржи развој на приватниот сектор

МАКЕДОНСКА МЕРА-MACEDONIKUM ADMODUM
Тема: Балансер на работни места по македонска мера
Работните места во државната администрација треба да станат непривлечни за да се поддржи развој на приватниот сектор и да се креираат работни места со економска продуктивност. Државниот апарат неспорно е дека треба да функционира со одреден број државни службеници кои ќе понудат квалитетни државни услуги кон граѓаните, но апсолутно е непотребна обемна немотивирана и неефикасна државна администрација.
Ова во Македонија е проблем кој веќе децении наназад го нотира и самата Европска комисија во извештаите за напредокот, но досега не видовме дека некој се труди проблемот да го реши. Напротив, имаме обем на вработувања кои се со партиска позадина за згрижување (не)кадар кој единствено треба да се задоволи финансиски, без притоа да придонесе.
Веќе 20 години се користи системот за вработување во јавниот сектор со балансер, кој според одредени бројки генерира колку припадници од која етничка заедница треба да се вработат. Гледајќи наназад овој балансер не функционираше во прилог на обезбедување квалитетни услуги кон граѓаните, ниту во зајакнување на функционирањето на државната администрација. Послужи единствено за задоволување на партиски апетити, кои според последните информации за изменување на процентуалната застапеност на етничките заедници при вработувањето, всушност ни таа задача не ја исполнил.
Наместо да се става балансерот на врв на листата критериуми за вработување во државна администрација, сметам дека е неопходно истиот да се исклучи, а да се овозможи конечно вработување кое ќе биде врз основа на квалификации, а истиот систем треба да се воведе и при унапредување на кадарот во државната служба. Само на тој начин ќе се поттикне мотивација и компетитивност на вработените во државната служба да постигнат висок квалитет на услуги кон граѓаните, но од друга страна би требало да придонесе кон „чистење“ на администрацијата од кадар кој не е ефикасен.
Сето она кое досега не даде позитивен резултат, треба да се преосмисли и да се направи согласно МАКЕДОНСКИТЕ ПОТРЕБИ. Вработувањата во администрацијата и системот на наградување треба да функционира по МАКЕДОНСКА МЕРА и да придонесе во зајакнување на државната управа.
Проф. д-р Лазар Јовевски