Правда

Ѝ дал наредба да го напушти работното место затоа што нејзиниот сопруг работел за друга партија – Расте бројот на претставки од КСЗД

Комисијата за заштита од дискриминација преплавена од претставки. Лани имала трипати повеќе работа отколку во 2021. Најголем дел од претставките биле за национална или етничка припадност.

„Од 86 претставки поднесени во 2021 година, 248 се поднесени во 2022 година. Тоа е пораст од 290 проценти. Тоа е најголемиот доказ дека довербата на граѓаните во оваа институција секојдневно расте “ – Весна Бендевска, КСЗД.

Оформени се 134 предмети, а 80 претставки се отфрлени. Дискриминација била утврдена во 70 случаи. Најчест основ била сексуалната ориентација – дури 25, а најмалку образованието – само 1.

Во работните односи, пак, евидентирани се 15 случаи на дискриминација. Сите се во администрацијата. Ова е само еден од случаите:

„Вработена во општина Гостивар добила наредба од градоначалникот веднаш да го напушти работното место и да се премести во простории кои се оддалечени 1 км од општинската зграда. Кога прашала зошто, градоначалникот и кажал дека имал притисок од партија, затоа што нејзиниот сопруг работел за друга партија во кампањата. Таа одбила да си оди, по што добила закани за дисциплинска постапката. Тоа предизвикало силна вознемиреност, па неопходна и била лекарска помош. Комисијата утврди директна продолжена дискриминација и му препорача на градоначалникот да ја поништи наредбата, а на секретартот дисциплинската мерка. Тие не го направија тоа и против нив веќе е поднесена прекршочна постапка“

Претставникот на ЕУ при презентацијата на извештајот, рече дека Македонија сега се наоѓа во многу важен момент. На хартија има се, но во пракса многу малку, вели тој.

„Правната рамка во С.Македонија на заштитата на фундаменталните права е во голема мера во согласност со онаа на ЕУ. Сепак, кога ќе гледаме вон хартијата и препораките на комисијата, националните и меѓународни организации за човекови права, гледаме недостатоци, огромни недостатоци во системот.“ – Штефен Худолин, делегација на ЕУ.

И покрај тоа што секој ден комисијата е затрупана со претставки, има едвај дваестина вработени што едвај стигнуваат да сработат се.

„Ем се формираат, ем не им се даваат доволно ресурси да ги остваруваат своите функции. Еден апел кога веќе правиме комисии и нови институции треба да им ги дадеме сите ресурси, средства, буџет, за да функционираат како што треба. А еве гледаме дека буџет сме имале и тоа колку со проектите со коридорите. Со милијарда и триста многу институции може подобро да работат“ – Александар Кржаловски, МЦМС

Максималните казни за физички лица достигнуваат до 400, а за фирми и до 10 илјади евра.

Извор: Сител

Фото: Shutterstock