СветСветот на работникот

Авто гигантот во шок: Масовни отпуштања и затворање фабрики ширум светот – новиот директор повлекува радикални потези

Јапонскиот автомобилски гигант „Нисан“ влегува во најдлабоката криза во својата историја – компанијата планира да затвори седум фабрики на три континенти, да отпушти 20.000 работници и да го намали производството за дури еден милион возила годишно.

Еден од најголемите јапонски производители на автомобили, „Нисан“, официјално најави драстични мерки за реструктуирање што подразбираат затворање или продажба на седум фабрики ширум светот, намалување на годишното производство за милион возила, како и отпуштање на дури 20.000 вработени до крајот на фискалната 2027 година.

Новиот директор на компанијата, Иван Еспиноза, изјави дека целта на оваа стратегија е намалување на оперативните трошоци, зголемување на ефикасноста и враќање на конкурентноста на глобалниот пазар – во момент кога компанијата се соочува со сериозен пад на продажбата и милијардни загуби.

Кои фабрики се затвораат?

Планирано е затворање или продажба на следниве погони:

  • Две фабрики во Јапонија (префектура Канагава, близу Токио)
  • Две фабрики во Мексико, меѓу кои и познатата „CIVAC“ во државата Морелос – првата фабрика на „Нисан“ надвор од Јапонија, отворена уште во 1966 година
  • Фабрика во Аргентина (Кордоба), која произведуваше околу 100.000 пик-ап возила годишно во соработка со „Рено“
  • Фабрика во Индија (близу Ченај), продадена на партнерот „Рено“ за 400 милиони долари
  • Фабрика во Јужна Африка (Рослин, кај Преторија), со годишен капацитет од 10.000 возила

Со продажбата на фабриката во Индија, „Нисан“ практично се повлекува од тој пазар, оставајќи ја понатамошната продажба на своите модели на францускиот партнер „Рено“.

Мексико – најголемиот губитник

Посебно погодена е татковината на новиот генералeн директор. До крајот на фискалната 2025 година ќе бидат затворени две од трите постојни фабрики во Мексико, меѓу кои и една од најважните – „COMPAS“, заеднички проект со Mercedes-Benz.

Само во текот на фискалната 2024 година, „Нисан“ во Мексико произведе 670.000 возила, што ја нагласува тежината на оваа одлука.

Зошто „Нисан“ се повлекува од пазарите во развој?

Новата стратегија на компанијата е јасна – фокус на развиените и богатите пазари како САД, Јапонија, Кина и ЕУ.

Во тој контекст, пазарите во развој (Индија, Латинска Америка, Африка) повеќе не се приоритет. Фабриката во Аргентина, и покрај растот на продажбата од 6% минатата година, ќе биде затворена, додека фабриката во Јужна Африка згасна поради ниска исплатливост.

Амбициозни цели – помало производство, поголема ефикасност

Новото раководство има за цел да го намали вкупното производство од 3,5 на 2,5 милиони возила годишно. Само во Јапонија производството ќе биде скратено за 390.000 единици, на вкупно околу 800.000 возила.

Бројот на фабрики во светот ќе се намали од 17 на 10, а 20.000 работници ќе бидат отпуштени во следните две години.

Оваа одлука доаѓа по сериозен финансиски пад – во фискалната 2024 година „Нисан“ забележа загуба од 4,7 милијарди долари, а продажбата е намалена за околу 40% во споредба со периодот пред пандемијата.

Извор: M.A./EUpravo zato/RTS.rs