Правда

Адеми: Учебната година нема да се повторува од септември

501views

Министерот за образование и наука Арбeр Адеми посочи дека МОН заедно со сите останат надлежни институции во областа на образованието и со голема поддршка и помош од другите ресори, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, но и низа домашни и странски партнерски организации помеѓу кои го издвои УНИЦЕФ, максимално се посветија воспитно образовниот процес на младите во Северна Македонија да продолжи на најдобар можен начин согласно околностите.

„Покажавме подготвеност да реагираме брзо и ефикасно, притоа водејќи се секогаш по најдобрите интереси на младите. Прекинот на образовниот процес во училиштата траеше само неколку денови, а потоа продолжи да се реализира на еден поинаков начин, како и во голем број земји во светот. Започнавме со емитување на едукативна програма „ТВ училница“ на националниот телевизиски сервис МРТВ, која и ден денес трае и има висока гледаност од оние за кои е наменета. Во рамки на програмата се реализираат наставни содржини за ученици од прво до деветто одделение согласно насоки од Бирото за развој на образованието и со приоритетност на учениците од најниските одделенија“, нагласи Адеми.

Истовремено, изработена и ставена во функција е првата национална платформа за далечинско учење, ЕДУИНО која континуирано се надополнува со нови содржини, односно видеолекции по сите предмети од основното и средното образование.

„Денес нема училиште кое не започнало да спроведува некаква форма на далечинско учење. Сите се дел од оваа нова форма на едукација. Наставниците се максимално посветени, ангажирани и во овие тешки моменти кога улогите кои ги извршуваат се навистина испреплетени, тие успеваат од дома да одржуваат комуникација со своите ученици на дневна основа и да им помагаат во совладувањето на наставната материја. Имаат конкретни насоки и упатство како да ги реализираат наставните содржини, да ги следат постигнувањата на учениците и како да ги проверуваат и оценуваат стекнатите знаења. Искрено сум и многу благодарен за напорите кои ги вложуваат и се надевам дека политиката за соодветно вреднување на нивниот труд која ја воспоставивме во изминатите две-три години преку зголемувањето на платите за повеќе од 21% и преку обезбедувањето на можности за кариерен и професионален развој, ќе продолжи да се надградува и во периодот што следи“, подвлече министерот за образование Арбер Адеми.

Заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, рече дека континуирано се одговара на предизвиците што ги носи здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, така што постојано го прилагодуваме системот на социјална заштита, за да ги пресретнеме потребите на граѓаните.

„Се релаксираат критериумите и начинот на остварување и користење на Правото на гарантирана минимална помош. Првата измена се однесува на пролонгирањето на важењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост. Имено, условот да се утврдува материјалната необезбеденост врз основа на приходите на сите членови на домаќинството сметано само од последниот месец, наместо да важи само за месеците април и мај, се предвидува да важи во периодот април-декември 2020. Со оваа измена овозможуваме брза реакција на системот на социјална заштита со цел давање на финансиска поддршка на материјално необезбедените домаќинства кои немаат приходи во претходниот месец, од разни причини: престанок на работен однос, губење на други видови приходи и слично.

Дополнително, даваме можност да право на гарантирана минимална помош може да остварат и оние кои се избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кои работниот однос им престанал спогодбено, по барање или со отказ. И третата важна измена е што за предвидениот период дополнително се релаксираат поединечни критериуми за остварување на правото на ГМП, кои досега се појавуваа како најчести причини за неможност за остварување на ова право. Тоа се на пример поседување на возило постаро од 5 години (патничко моторно возило, мотор над 50 cм3, комбе, автобус, камион, комбајн и трактор), земјиште со површина не поголема од 500 м2 освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот. Истите овие нема да се сметаат како имот што корисникот може да го отуѓи или изнајми и на тој начин да се издржува. Исто така, мерката за поддршка на постоечките корисници на системот за социјална заштита, со која околу 30.000 домаќинства добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, сега освен за месеците април и мај, се продолжува се до септември, односно и надвор од грејната сезона се со цел да им се обезбеди дополнителна поддршка на најранливите семејства“, кажа Бајрактар.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ посочи дека со последните измени на Уредбата за примена на ЗСШ во време на вонредна состојба се продолжува користењето на правото на надоместокот заради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице додека трае вонредната состојба. За да ги заштитиме корисниците на надоместок заради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање на конзилијарно мислење. Додека трае вонредната состојба не треба да носат ново мислење, туку во рок од два месеци по завршување на вонредната состојба, треба да го направат контролниот преглед.

„Со уредба за примена на законот за детска заштита правото на посебен додаток, остварено врз основа на издадените наоди од соодветен стручен орган, во кои е препорачан контролен преглед, односно повторен преглед – контрола или рекатегоризација, во периодот на траење на вонредната состојба, се продолжува за време на траење на вонредната состојба, како и два месеци од денот на престанокот на траењето на вонредната состојба. Системот на социјална заштита непречено функционира и во услови на вонредна состојба, зашто посебно на ранливите категории граѓани им е од животна важност поддршката од заедницата. МТСП ја зголеми достапноста на сервисите за жртвите од семејно насилство низ земјата. Потенцијалните жртви можат да се обратат за помош во центрите за социјална работа и воспоставените сервиси кои ги покриваат сите региони во државата како и на бесплатните телефонски СОС линии. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час, со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка. Посебна дозвола за движење не им е потребна ниту на оние кои сакаат да пријават насилство. Тие непречено можат да одат до најблиската полициска станица“, нагласи Шкријељ.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика додаде дека во соработка со УНИЦЕФ и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, пуштена е во употреба бесплатната телефонска линија 075/230-530 за помош, поддршка и советување на родителите и старателите за подигање на децата во сигурна и грижлива семејна средина. Таа функционира секој ден, вклучувајќи ги и викендите, од 15:00 до 20:00 часот. Исто така, МТСП, со поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ, дистрибуира над 2.000 пакети хигиенски производи за семејствата од Шуто Оризари, населбите Тризла, Бајро, Керамидница, Гостивар и семејствата од населбата Црник, Делчево. Обезбедени се и пакети за особено ранливи групи во системот на социјална заштита како самохраните семејства приматели на права и жртвите на семејно насилство. Центрите за социјална работа на дневна основа интервенираат онаму каде има потреба за семејствата што живеат во супстандардни услови.

Advertisement