ПравдаСветот на работникот

Здравствените работнички непрекинато работат во болница и дома

   Време за читање 2 минути

Жените на глобално ниво сочинуваат над 70 проценти од здравствените работници, вклучувајќи ги и оние кои се вработени во установите за нега. Тие се на првата борбена линија во борбата против вирусот КОВИД 19. Како резултат на пандемијата, тие се соочуваат со двојно оптоварување: подолги смени на работното место и дополнителна грижа во рамките на домот. “

Меѓународната организација на трудот потсетува дека за речиси 100 милиони здравствени работнички низ светот, балансирањето на работните и домашните обврски секогаш претставувало предизвик, а оваа криза само ја потврди долгогодишната борба со родовата нееднаквост.

Во нормални услови, жените обавуваат неплатена домашна работа во времетраење од 4 часа и 25 минути, додека мажите 1 час и 23 минути. Поради пандемијата, училиштата, градинките и другите установи за грижа се затворија, па како резултат на тоа, времето потрошено во домашна неплатена работа драстично се зголеми. Жените во самоизолација ги преземаат најголемиот број на домашни обврски како пазарење, готвење, одржување хигиена, грижење за членовите на семејството и слично.

Од Меѓународната организација на трудот истакнуваат и дека ваквите последици на кризата со коронавирусот најмногу ги погодуваат здравствените работнички кои живеат во едночлено домаќинство. Тие најчесто немаат друга опција, освен откако ќе се вратат од работа, сами да се грижат за своите деца и постари членови на семејството, што дополнително го зголемува ризикот да ги заразат со вирусот КОВИД 19.

Често се вели дека во критични времиња, луѓето прават работи кои биле незамисливи претходно. Имено, некои влади преземаа мерки за поддршка на работниците, особено за оние кои работат во службите за итни случаи, кои немаат можност да работат од дома. Здравствените работнички не можат истовремено да се борат со пандемијата на КОВИД 19 и да ги обавуваат домашните обврски, како грижа за нивното семејство. Потребни се мерки за нивна помош и поддршка, но истовремено потребно е и долгорочно решение за овој проблем.

Оваа пандемија уште еднаш не потсети за важноста на платената и неплатената домашна работа, а доколку сакаме да излеземе од оваа криза со поправично општество, потребно ќе биде жените да бидат максимално вклучени во креирањето на политики по КОВИД 19.

Извор: МОТ