Азески во „Еуроникел“: Компаниите застанаа зад Комората во барањето за поддршка од државата

Еуроникел (поранешен Фени) веќе трет месец е без производство, а на 30 септември електропечката во целост беше изгасната. Компанијата која вработува околу 1000 луѓе, што ја прави еден од најголемите работодавачи во државата, од 15 септември ги испрати своите вработени на принуден одмор, при што 25% се на работа, по принци пот на ротација.

Генералниот директор Герасим Кујунџиев на денешната средба со претседателот на Стопанската Комора Бранко Азески информираше дека како компанијата се подготвени за еден месец повторно да ја вклучат електропечката, доколку добијат брза и ефикасна институционална поддршка. Во разговорот со Азески, Кујунџиев даде целосна поддршка на Комората во нејзините активности поврзани со барањата за нови мерки за стопанството кои ќе бидат преземени во следниот период.

Од страна на „Еуроникел“ до сега се понудени повеќе решенија кои имаат за цел, како што рече Кујунџиев, единствено да обезбедат опстанок на компанијата, бидејќи профитабилност во моментов е мисловна именка за овој вид на индустрија.

„И покрај тоа што веќе трет месец сме без производство, сите работни места се зачувани, сите трошоци се сервисираат, сето тоа со самофинансирање. Сметаме дека единствено коректно е да се распредели и теретот од кризата и помошта, соодветно. Во таа насока, до реализација и пуштање во работа на нашиот проект со генератори, кој оптимистички очекуваме да се реализира во следните четир месеци, сметаме дека би било во интерес на сите засегнати страни и државата да излезе во пресрет со електрична енергија во количина од 45-50мвч по цена од 150-180еур/мвч, имајќи предвид дека нашата индустрија е најенерго-интензивна“, нагласи Кујунџиев.

„Еуроникел“ повеќе од една година работи на проекти за обновливи извори во кругот на фабриката, но се покажало дека за нив треба многу време.

„Еуроникел“ се нуди и целосно или делумно да го финансира работењето на ТЕЦ Неготино, со единствена цел да добие електрична енергија по производна цена која е прифатлива за нивните производни трошоци.

Паралелно со сите овие решенија од компанијата информираат дека работат и на инсталирање на соларни панели, но целата документација, според кажувањето на раководството, е заглавена по институциите.