Работници се принудени да работат на токсични работни места оти немаат друг избор
Автор: Бобан Илијевски
Професорот по трудово право, Лазар Јовевски во една изјава за порталот Работник, рече дека македонските работници се инертни, односно дека тешко се одлучуваат да дадат отказ од моментално работно место, кога им се прекршуваат правата од работен однос.
Оваа изјава според мене е навистина точна, па решив да го споделам моето мислење за оваа проблематика.
Одреден дел од работниците на кои им се прекршуваат работничките права, остануваат да работат на истото место, најмногу поради една причина – страв од останување без финансиски средства, а со тоа и без егзистенција.
За работниците кои немаат доволно вештини и знаења за да „опстојат“ на пазарот на труд, ова претставува најголема причина оти сметаат дека ако дадат отказ од моменталната работа, нема да можат да најдат подобро работно место, или дека ќе најдат, но ќе биде исто како и претходното. За разлика од нив, младите генерации кои се „домородни“ на дигитализацијата и поседуваат вештини и знаења, гледаат сосема поинаку на работите. Кај нив толеранцијата е на многу ниско ниво, па лесно се одлучуваат да дадат отказ и оттаму, лесно да најдат друга работа, каде што се нудат подобри работни услови и поголеми бенефити за нив.
Има постари работници кои дури се и навикнати да бидат тормозени од газдите секој ден, што, според мене, е страшно. Постојаното подложување на психички, како да ги наречам… „измачувања“, не е нормална состојба на човечкиот ум. Поради ова, сознанието дека одредени работници се подготвени да трпат психички тортури долго период од работниот живот е страшно спознание.
Јас ги разбирам овие работници. Сметаат дека немаат друг излезе освен да трпат и трпат и трпат… Подготвени се да останат на тоа работно место, без разлика на тоа колку им е нарушено менталното и физичкото здравје и без разлика на тоа колку и да им „се враќаат нозете назад“ кога одат на работа (многу добро ми е познато тоа чувство), тие се принудуваат самите да останат на тоа токсично работно место.
Не можат да дозволат нивните деца да останат без потребните работи, не можат да дозволат да останат без храна и џепарлак за на училиште. Разбирам.
Мојата покојна мајка работеше како хигиеничарка. Чистеше во една куќа речиси целиот нејзин живот. Имаше многу моменти кога доаѓаше дома расплакана поради коментарите коишто ги добивала од некој до газдите на куќата. Колку и да ѝ беше тешко, таа не даваше отказ од таму. Се бореше до крај. За мене, за семејството… Така што, јасно ми е како стојат работите, „не сум од вчера“, што би рекле моите сограѓани Македонци.
Решението на овој проблем не го знам и јас. Можам само да изигрувам паметен, но тоа не е моја одлика. Има многу постручни лица од мене кои многу подобро ја познаваат оваа проблематика, па нив ќе им оставам простор да го најдат „лекот“.
Јас можам само да констатирам дека има многу работници коишто се принудени да работат на токсични работни места, оти немаат друг избор.

