Ако продолжиме со непотизам, корупција и партиски вработувања, граѓаните ќе влезат во ЕУ, но државата не
- ИНТЕРВЈУ – Димитров: Ако се зголемат платите бизнисот ќе треба да крати од повисоките и да ги отпушта слабите работници за да ги исплати - 03/09/2024
- ИНТЕРВЈУ СО ДАНЧЕ АЗМАНОВА МИРЧЕВСКА: „Зборувањето за подобрувањето на условите за родителите не е доволно, потребно е преземање акции“ - 02/09/2024
- Прогнозата дека увезените работници ќе бегаат од Македонија се оствари, дали ќе се оствари и ова? - 03/08/2024
Автор: Бобан Илијевски
Кога живееш во држава каде што владеат непотизмот, партиските вработувања и корупцијата, неминовно е да имаш незадоволство од населението, а особено од младите коишто воопшто не го перципираат светот како постарите генерации.
700,000 иселени за 8 години. Зачудени сте? Ниту јас
Извештајот на Организацијата за економски развој и соработка – ОЕЦД покажа дека од 2011 до 2019 година, од Македонија заминале 700,000 луѓе, бројка којашто ни малку не е за потценување, но е сосема очекувана.
Од осамостојувањето на Македонија, партиските гарнитури единствено се добри во местење на тендери, коруптивни зделки, заситување на своите апетити и вработување на партиски послушници.
Сето ова, заедно со слабо развиената економија и нискиот стандард е еднакво на 700,000 иселени Македонци. Луѓе коишто заминале од оваа земја за да побараат подобар живот во некоја друга. Најверојатно во ЕУ или пак преку „барата“ (израз кој го користат Американците, а кој се однесува на Атлантскиот океан).
Зарем можевме ли да очекуваме помала бројка? Јас мислам не. Никој не очекуваше. Народот којшто сѐ уште живее тука не е зачуден. Не се зачудени ниту оние родители коишто ги испраќаат своите деца со куферите на аеродром со солзи во очите, знаејќи дека нема да ги видат подолго време.
93 % од невработените се „функционално неписмени“, велат нашите функционери
Министерството за економија вели дека потребна е преквалификација, но и менување на работните навики. Статистиката на Агенцијата за вработување, велат од таму, покажува дека бројот на невработени е висок, а 93 % од нив се функционално неписмени. Тоа значи дека ги немаат потребните вештини за кои има побарување на пазарот на труд.
Ако овој податок е навистина точен, тогаш имаме многу поголем проблем отколку што мислев. Откако почнав да ја работам оваа проблематика знам дека јазот помеѓу понудата и побарувачката на вештини е голем, но не до овој степен.
Ваквиот податок треба да биде и основа за една обемна анализа од страна на Владата за тоа што треба да направат за да се намали јазот. Од друга страна, потребна е и волја од страна на невработените да се преквалификуваат за одредена дејност.
На тој начин ќе станат повеќе вработливи.
И сега некој тука ќе го рече она познатото – „мали се платите“. А јас ќе им кажам дека растот на платите е неминовен. Насекаде владее недостиг на работна сила. Ќе дојде време кога и тука ќе има поголеми плати, барем јас така мислам, а за многу работи и сум во право. На крајот на краевите, од стекнување на нови вештини и знаења нема да бидете во зијан, туку само во ќар. Ако не можете да ги искористите тука, можеби во ЕУ или преку „барата“.
Вицепремиерот Битиќи за време на Конференцијата на која се промовираше Извештајот на ОЕЦД, рече дека 30 години се воделе погрешни трудови политики, па како резултат на тоа немаме квалификувани работници. Тука е во право, но тоа не значи дека и тие како Влада немаат никаква вина во ова. Седум години се на власт.
„Младите не треба да ги задржуваме, туку да им создадеме можности да го постигнат својот потенцијал во сопствената земја“
„Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот“, изјави вчера Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Мене лично оваа изјава малку ми е контрадикторна. Од една страна вели дека треба да им овозможиме нивниот потенцијал да го постигнат во Македонија, од друга пак, дека треба да „им дадеме крилја“. Во ред, можеби се работи за метафорично изразување (нашиве политичари доста умешно знаат да користат метафори), но и да станува збор за метафора, некако не беше на место.
Уште малку да удриме на непотизам и корупција и ќе бидеме на прав пат
Главни виновници за иселувањето на луѓето се политичките партии и нивниот 30 годишен непотизам, корупција и трошење пари на аперитиви, морски плодови… Младите луѓе го гледаат тоа, па уверени дека тука за нив нема иднина, се пакуваат и заминуваат.
Ако продолжи државата да функционира како досега, ќе се отселат уште повеќе луѓе. И да, да не заборавам – можеби пандемијата ја забави миграцијата, но којзнае колку се иселени од 2019 година до овој момент.