ЕкономијаМакедонијаНовости

АНАЛИЗА: Како се “полнеле“ и “празнеле“ општинските каси, Арачиново, Гостивар, Дебар и Кичево

   Време за читање 4 минути

Помалку приходи и пониски расходи во однос на планот – сумирани се податоците за финансиите на локалните самоуправи во 2024. Кај сите има потфрлување и на страната на полнење и на страната на празнење на општинските каси, пишува Порталб.мк. На локално ниво, највисоки износи се трошат за плати и придонеси, договорни услуги, градежни објекти. На приходната страна пак дел од општините не успеале да го остварат планот за наплата на даноците. 

Наплата на данок на имот, највисоки расходи за плати …

Општина Арачиново од годишните планирани приходи за 2024 реализирала 81,5%. На приходната страна големо потфрлување има кај клучниот извор на финансирање, од данок на имот собрала 69 500 евра што е само 53,1% во однос на планот.  Помалку пари се собрани и од данок на доход и од данок на специфични услуги. Буџетските трошења на оваа општина во однос на планот се реализирани со стапка од 78,3%. Најголем дел од буџетот или 1,8 милиони евра се потрошиле за плати и придонеси а повисоки трошковни ставки се “договорните услуги“  и “поправки и тековно одржување“. 

                                                    Реализација на Буџет 2024   

                                               Приходи                           Расходи

Општина Арачиново           81,5%                               78,3%

Општина Гостивар                95,8%                               95,5%

Општина Дебар                     92,8%                               91,2%

Општина Кичево                   90,9%                                90,7%

Извор : МФ

Општина Гостивар е една од оние кои успеале да ја наполнат општинската каса блиску до планот – со реализација на вкупните приходи од 95,8%. Наплатата на данокот на имот изнесува 90,5% а нешто повеќе од годишниот план била реализацијата по основ на данок на доход. Највисока приходна страна се државните трансфери. На расходната страна  и оваа општина лани имала помала реализацијата во однос на планот,  од 95,5%. За основни плати и придонеси биле потрошени 16,7 милиони евра.  Повисоки трошковни ставки се “други градежни објекти“, “поправки и тековно одржување“ и “договорни услуги“.

Во однос на планот за годишните приходи, Општина Дебар успеала да оствари 92,8% и потврдувањето е како последица на понискиот износ на државните трансфери. Оваа локална самоуправа успеала да наплати повисок износ од планираниот по основ на данокот на имот со натфрлање од околу 15% а повеќе пари од планираното наплатила и од данок на доход и од данок на специфични услуги. На буџетската расходна страна , вкупните трошења се реализирале со стапка од 91,2%. И кај оваа општина највисока расходна ставка се основните плати и придонеси за што лани биле потрошени 4,9 милиони евра. Повисоки износи се одлеале по основ на “други градежни објекти“ и “ комунални услуги, греење, транспорт“.

                                  Реализација на приходи од данок на имот

Општина Арачиново                              53,1%

Општина Гостивар                                   90,5%

Општина Дебар                                        115,0%

Општина Кичево                                       114,7%

Извор: МФ  

Во групата локални самоуправи кои успеале да наплатат повеќе даноци во однос на планот е Општина Кичево. Вкупните буџетски приходи лани биле реализирани со 90,9% а целосното неостварување е главно поради понискиот износ на државни трансфери. Наплата на данокот на имот изнесува 14,7% повеќе во однос на планот а  повеќе пари се собрале и од данокот на доход додека најголем износ е собран од наплата на “даноци на специфични услуги“. На расходната страна од буџетот на општината реализацијата изнесувала 90,7%. За исплата на плати и придонеси лани се потрошиле 11,4 милиони евра а зад оваа ставка според износот е ставката “други градежни објекти“. Позначајни износи се одлеале и о основ на “договорни услуги“ и “разни трансфери“.

Во следното продолжение на Анализа ќе се објават буџетските податоци за Струга, Тетово, Чаир , Сарај и Град Скопје.