НовостиСветот на работникот

АНАЛИЗА: Најголем број невработени има во Град Скопје, следува Тетово, дури 70% од невработените немаат ниту средно образование

   Време за читање 5 минути

Повеќе од 60 000 невработени без образование или со основно образование, бараат работа. Новите податоци од АВРМ покажуваат дека за прв пат по седум години, во  државата се регистрирани помалку од 100 000 невработени, пишува Порталб.мк. Но, колку и дали нивните квалификации и образование се соодветни за потребите на пазарот на труд?

Од вкупниот број на невработени по 39% удел имаат етничките Македонци и етничките Албанци

За прва пат во државата, од 2018 та до сега,  бројот на невработени (активни баратели на работа) се спушти под 100 000.  Според новите податоци од Агенцијата за вработување во јули на ниво на државата биле регистрирани 98 976 активни баратели на работа што претставува намалување за 6 827 лица во однос на состојбата во првиот месец од  годинава и за 6 972 помалку во однос на истиот месец лани.

Според податоците од АВРМ освен 98 976 активни баратели на работа, регистрирани се и 46 291 лица со статус на невработени но како пасивни баратели на работа. Во евиденцијата на регионалните центри на АВРМ во 30 градови во земјава, најголем број или 20 712 невработени има во Град Скопје, следува Тетово ( заедно со населените места и селата ) со 12 295 невработени, на трето место со 10 206 невработени е Куманово и регионот, на четврто со регистрирани 7 673 невработени е Гостивар со населените места а на петто место е Прилеп и регионот со 5 425 невработени. Во останатите градови (заедно со регионите кои ги опфаќаат) има помалку од 5 000 невработени.

                                   Број на невработени ( јули 2024 )

Град Скопје                                    20 712

Тетово                                             12 295

Куманово                                       10 206 

Гостивар                                           7 673

Прилеп                                              5 425

Извор : АВРМ

Според националната припадност, најголем број или 39 416 се Македонци што преставува 39,8 % од вкупниот број на невработени, следуваат 39 060 етнички Албанци со удел од 39,4%, а 10,5% од невработените или 10 451 се  Роми,  на четврто место се етничките Турци со 7 006 невработени или 7,1%.  

                         Невработеност според национална припадност

Македонци                           39 416                            39,8%

Албанци                                 39 060                            39,4%

Роми                                        10 451                            10,5%

Турци                                          7 006                             7,1%

Извор : АВРМ

Анализата на бројот на  регистрирани невработени според националната припадност покажува дека најголем број етнички Албанци или 12 304  има во Град Скопје, 9 850 се евидентирани во центарот на АВРМ во Тетово, 6 155 во Куманово, 4 671 во Гостивар а 1 922 во Струга.

Најголем број етнички Македонци, 4 383 се евидентирани во Град Скопје, 3 347 во Прилеп, 2 341 невработен е регистриран во центарот на АВРМ во Битола а 2 121 во Струмица. Најголем број или 2 276  невработени од Турска национална припадност се регистрирани во Струмичкиот центар за вработување  дека најголем број или 3 268, етнички Роми се регистрирани во АВРМ во Град Скопје.     

Наспроти потребите на пазарот на труд од квалификувана работна сила,  во “понудата“ доминираат невработените без образование или само со основно образование – дури 60 307 невработени. Со средно  образовани се регистрирани 23 221 невработен а со непотполно средно образование 8 134 лица. Во Агенцијата за вработување пријавени се 16 невработени доктори на науки и уште 530 магистри.

Според укажувањата на економистите едно од важните прашање е што ја намалува невработеноста ? Експертите посочуваат дека континуираното иселување, особено на квалификувана и образована работна сила, има големо влијание врз движењата со невработеноста и вработеноста. Изминатите години иселувањето предизвика дефицит на работна сила во земјава што пак придонесе за раст на стапката на вработеност дома, преку вработување на лицата кои се на домашниот пазар на труд. Според последните податоци од Заводот за статистика, на крајот на вториот квартал од годинава бројот на активно население изнесувал 790 152 лица што е за 3 450 лица помалку во однос на истиот период лани и дури за скоро 22 000 помалку во однос на вториот квартал од 2022 та година. Бројот на активно население е една од основите за следење на движењата на пазарот на труд, пред се за невработеноста и вработеноста.