ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Анкета на „Работник“: Сабота и недела да ни се слободни денови, велат најголемиот број од испитаниците

Бобан Илијевски

На работниците од голема важност им е нематеријалната мотивација од страна на работодавачите, покажува кратката анкета којашто ја спроведе порталот Работник.

Нематеријална мотивација претставува обезбедување исклучително добри работни услови за работникот кои позитивно влијаат на неговите перформанси, односно го мотивираат да работи повеќе и поквалитетно без да биде дополнително платен. Пример за нематеријална мотивација може да биде скратено работно време или скратена работна недела. 

Најголемиот дел од испитаниците коишто одговориле на анкетните прашања се од приватниот сектор (75,4 %), додека од јавниот сектор одговориле 24,6 % испитаници. 

Она што може да се види од анкетата е што многу поважна улога игра материјалната мотивација, што е и очекувано. Имено на прашањето „Дали повеќе би ве мотивирало да работите четири дена во неделата за иста плата како претходно или пак да ви се зголеми платата, а да работите пет или шест дена во неделата“, поголемиот дел од испитаниците (52,6 %) се за да им се зголеми платата, а притоа да продолжат да работат на класичен начин, пет или шест дена во неделата, додека 47,4 % изјавија дека сакаат да работат четири дена во неделата, за истата плата како претходно.

Сепак, одговрите на испитаниците се поинакви кога станува збор за работа преку викенд. Само 12,3 % од испитаниците истакнаа дека сакаат поголема дневница за да работат преку викенд, додека 87,7 % изјавиле дека сакаат сабота и недела да им бидат денови за одмор. 

Кога станува збор за годишниот одмор, поголемиот број од испитаниците сакаат да имаат поголем број на денови за годишен одмор, отколку да имаат помалку денови одмор, а остатокот финансиски да им се надомести. 82,5 % од испитаниците се за зголемување на годишниот одмор, додека само 17,5 % сакаат истиот финансиски да им се надомести.

Поставивме и едно отворено прашање за тоа што треба да направи работодавачот, за да повеќе ги мотивира работниците. Најголемиот дел од одговорите беа околу финансиите, со што повторно се доаѓа до заклучок дека материјалната мотивација им е многу поважна на работниците. 

Во прилог Ви издвојуваме неколку од одговорите на испитаниците:

„Подобри услови за работа, платена прекувремена работа а не слободни денови кога сака тој а не јас и вреднување на мојот труд и способност а не изедначување со вработените со купени дипломи во Тетово“.

„Да го почитува трудот на работникот, да разговара и да прифаќа идеи на вработените за подобрување на работата, да биде флексибилен во деловите од работењето во кое има помалку познавање, да биде во тек со новините на пазарот и во никој случај да не се заканува со намалување на плати или откази“.

„Да ме награди за вложениот труд, да унпаредува според засулги и најважно платата“.
 
„Мотивација за работник во приватен сектор е ПЛАТАТА , и подобрување на односот ГАЗДА – РАБОТНИК . Во нашава напатена државичка се додека ГАЗДИТЕ продаваат БОЛНО ЕГО никогаш работникот нема да го даде својот максимум, бидејќи со нивното ГАЗДИНСКО БОЛНО ЕГО секогаш работникот ќе биде деградиран и човек од втор ред или поточно работникот ќе биде се само ЧОВЕК не“.
 
„Да обезбеди услови за работа и да има пристап и однос со вработените со што ќе ги инспирира за поголема продуктивност и мотивсцијс, односно во акцентот во работењето да биде достоинството на работниците“.
 
„Да обезбеди плата соодветна на квалификациите, способностите и искуството. Платите во приватнот сектор се мизерни. Јавната администрација има поголеми плати и ваквата политика е неодржлива на долг рок. Најтрагично е што и богатите приватни фирми не ги плаќаат соодветно работниците. Се прават огромни профити токму на грбот на работникот“.
 
„Соодветно да ги мотивира работниците кои покажуваат добри резултати во работата, не мора да е од финансиска природа“. 
 
Анкетата е спроведена на примерок од 57 испитаници, во период од 08 јули 2021 до 11 август 2021 година. 
 
Фото: Unplash