- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Анкета: 68,87 од испитаниците не би се вакцинирале доколку работодавачите им понудат пари за тоа

Анкета: 68,87 од испитаниците - Работник
361views

Порталот Работник спроведе анкетно прашање во насока на тоа дали работниците би се вакцинирале доколку за тоа работодавачите им понудат финансиски надоместок. Имено, прашањето гласеше: „Дали би се вакцинирале доколку вашиот работодавач ви понуди паричен надоместок за тоа?“ 

На анкетното прашање одговорите 106 испитаници, од кои 68,87 % се изјасниле дека не би се вакцинирале доколку работодавачот им понуди финансиски надоместок за тоа, а 31,13 се на став дека ќе се вакцинираат доколку им бидат понудени пари од страна на работодавачот.

Оваа тема, порталот Работник ја отвори непосредно по сознанието дека во соседна Србија, компаниите им плаќаат на своите работници да се вакцинираат, за да може да се постигне имунизација во самите компаниии, со цел да нема потреба од боледувања, а со тоа да не се изгубат ниту работните часови.

Во еден наврат, Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, за Работник рече дека верува праксата на вакцинирање како во соседна Србија дека ќе се појави и во Македонија, но не кај сите компании. Неговото мислење е дека секоја компанија ќе направи сопствена анализа и самата ќе одлучи што да примени. 

Според него, нормално е некои компании да ги стимулираат вработените за да се вакцинираат, потенцирајќи дека компаниите се рационални и ако пресметаат дека со трошокот кој ќе го направат за стимулации на вработените, ќе избегнат изгубени работни часови поради заразени работници или изолација и со тоа ќе успеат да ги намалат големите трошоци и изгубените приходи.

Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија Миле Бошко, за порталот Работник вели дека според Законот за безбедност и здравје при работа, компаниите се обврзани да се грижат за здравјето на работниците. Тој нагласи дека систематските прегледи и останатите здравствени прегледи ги плаќа работодавачот. 

Бошков е дециден дека мотивацијата за вакцинирање треба да биде заштитата на здравјето, а не пари. Паричниот надомест може да биде мотивација за било која мотивациска вредност. Вели дека работниците ќе треба да размислат за тоа што им е поважно, дали парите или здравјето. 

„Индивидуална одлука е на компаниите дали ќе ги стимулираат нивните вработени да се вакцнираат и за тоа треба да се најде модус, бидејќи пари на рака не смеат да се даваат, поради тоа што е противзаконски, а секој пренос на средства на вработените треба да биле правно пропишан“, вели Бошков.

Тој подвлече дека во Законот за персоналниот данок на доход не постои ставка под која би можела да влезе исплатата на паричен надомест за мотивација на работниците да се вакцинираат против Ковид – 19, што значи, вели Бошков, ќе треба овој паричен надомест да им се исплати по друг основ.

Проф. д-р Лазар Јовевски, експерт по трудово право за порталот Работник истакна дека веројатно има фирми во Македонија кои можат да си дозволат финансиска стимулација за да ги убедат вработените да се вакцинираат, и штом трендот е стасан до Србија верува дека би дошол и кај нас.

Потсетува дека кај нас вакцини се уште не се обезбедни, ниту пак се знае кога ќе ги добиеме во поголема количина за имунизација на наелението.

Тој не ја препорачува праксата на исплаќање на финансиски надомест од страна на компаниите, на работниците, туку вели дека доколку се во можност, да исплатат финансиски додатоци за поддршка на вработените, нагласувајќи дека тоа треба да биде согласно Законот за работни односи и колективните договори. Вели дека вакцинацијата е личен избор на самите работници. 

Според него, стимулирањето на работниците да се вакцинираат со финансиска награда е и неетично.

„Точно е дека со пандемијата се покачија цените, многу луѓе ги изгубија работните места, некои семејства преживуваат само со една плата, но сметам дека би било човечно да се наградат вработените доколку фирмата навистина има можност, а тоа да не е поврзано со личните избори на работниците, особено оние од кои зависи нивното здравје“, вели Јовевски.

Бобан Илијевски