Колумни

(АУДИО КОЛУМНА) Стручни работници ќе создаваме само за Запад, се додека не ја решиме корпуцијата и политизацијата

   Време за читање 5 минути

Бобан Илијевски

Морам да признам дека идејата на Министерството за образование и наука со проектот „Учи паметно, работи стручно“ којшто е финансиски поддржан од швајцарската Амбасада е навистина добра, но клучното прашање е колку овој проект ќе даде резултат. Негова крајна цел е да преку пракса во компаниите, учениците се стекнат со вештини и квалификации коишто му се потребни на бизнис секторот. Лично сметам дека треба повеќе деца да се насочуваат кон техничките училишта, бидејќи со самото тоа тие можат да се стекнат со занает кој може во секое време да им донесе заработка. Така да, проектот е навистина потребен и мислам дека може успешно да се реализира – учениците да стекнат квалификации во компаниите и откако ќе завршат со училиштето да се вработат во истите. Имено, целта е да се искористат поволностите на дуалното образование, а тоа значи наместо учениците да имаат пракса во училиште, истата ја извршуваат во компаниите.

 

Она што креаторите на политики не го зеле во предвид е тоа дали овие ученици коишто ќе се стекнат со потребните квалификации, истите ќе ги искористат во Македонија, со оглед на фактот дека има и други фактори коишто влијаат врз тоа дали младите ќе сакаат својата иднина да ја создаваат во сопствената држава. Во тоа лежи и проблемот. Впрочем, знаеме дека во Македонија има толку многу проблеми, што решавањето на еден – не е од голема помош. Можеби со помош на овој проект ќе се реши до некаде проблемот со стручен кадар, но што е со другите проблеми, како комплексната бирократија, корупцијата, партиските вработувања, политизацијата на се живо и диво. Што е со нив?

Наместо да го извадам електронски потребниот документ, треба да трчам по шалтери и со денови да ме моткаат наоколу? Не, јас нема моето време да го трошам на овие нешта. Политизацијата е навлезена секаде, во сите институции се вработуваат партиски кадри, а во приватниот сектор платите се мали, па дали вреди да го искористам мојот капацитет, а да бидам награден/а со плата којашто нема да ми овозможи пристоен живот? Не, благодарам. Правосудниот систем е тотална катастрофа. За обичниот граѓанин важат законите, а за моќниците коишто владееле и владеат со оваа држава не важат. Не, благодарам. Не ми треба работа, ми треба да најдам начин за да заминам од тука, по можност засекогаш. Не сакам моите деца да растат во држава каде што нема да имаат иднина и ќе треба да се мачат за да преживеат, па затоа моето потомство ќе го оставам во држава која ќе го цени и ќе му овозможи пристоен живот. Корупција има насекаде. Дури и ако се вработам некаде, во некоја помала фирма никој не ми гарантира дека ќе бидам пријавен/a, бидејќи сивата економија цвета. Не благодарам. – На овој начин размислува речиси секој млад човек во Македонија, дури и средношколците, па после сето ова дали мислите дека ќе останат тука?! Јас тврдам дека нема. Па така, залудно е да се смислуваат разни програми за да се обезбеди стручен кадар за потребите на компаниите, кога оние коишто ќе ги обучат, своите вештини ќе ги искористат некаде каде што за возврат ќе земат многу поголеми плати.

Свесен сум дека звучам песимистички, иако постојано се прокламирам за оптимист, но морам да бидам реален. Едноставно, со решавање на еден проблем ( и тоа е знак прашалник дали ќе се реши како што треба), а оставање на страна на другите проблеми, нема да има никакво задоволство од страна на граѓаните, туку напротив тие ќе бараат начин како своите деца да ги испратат некаде надвор.

Суштината е во тоа што треба да се решат сите проблеми, за да можат системите во државата да бидат оперативни и функционални, инаку ќе продолжи по старо. Проблемот со одливот на млади не е само во Македонија, туку во речиси сите држави на Балканскиот Полуостров, освен Словенија.

Србија води битка со недостаток на кадар. Македонија исто така. Во Хрватска недостасуваат угостителски работници, па од Македонија одат таму да работат сезонски, колку да заработат некоја пара. Очигледно, најголемиот дел од државите на Балканот се соочуваат со проблемот на иселување поради не функционирање на одредени системи во државата, па доколку не се освестат и започнат сериозно да ги решаваат сите проблеми, сметам дека ги очекува уште поголем постпандемиски одлив на кадар, стручен, но и нестручен.

И за крај, вчера прочитав еден текст на еден српски портал којшто вели дека голем број на Македонци одат да работат на српските градилишта. Што ви кажува ова?