ЕкономијаМакедонијаНовости

Бауш: Законот за нефер трговски практики предвидува казни за непослушните и до 20.000 евра!

   Време за читање 2 минути

Со Законот за забрана на нефер трговски практики се очекува да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и да воведе ред на малопродажните цени. Првите ефекти од ова законско решение ќе се почувствуваат наесен, бидејќи производителите и трговците имаат рок од шест месеци за да ги усогласат договорите согласно обврските од оваа регулатива. Законот има за цел да стави рамки околу однесувањата кои се сметаат за нефер и потенцијално штетни за потрошувачите и чесната конкуренција на пазарот, односно да помогне во спречувањето на манипулациите со цените до одреден степен со воведување строги казни за компаниите кои ги прекршуваат правилата и до 20.000 евра. Дополнителни надлежности добива и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Меѓутоа, ефективноста на таков закон зависи и од неговото спроведување и од способноста на регулаторните тела да го следат и санкционираат нефер однесувањето, вели економскиот аналитичар, професор Абил Бауш.

Законот за нефер трговски практики е заснован на принципите на подобрување на регулирањето и надзорот над пазарните активности, воведувајќи мерки кои активно ги обесхрабруваат и казнуваат неетичките и нелојалните практики. Таквата рамка поттикнува компаниите да се однесуваат одговорно и да развиваат здрава конкуренција, што е клучно за стабилен и функционален пазар. Кога компаниите оперираат во рамките на овие правила, потрошувачите се корисници на повисок квалитет на производи и услуги и поправедни цени, придонесувајќи кон зголемување на општата економска благосостојба. Воведувањето и правилното спроведување на овој закон исто така и покажува на меѓународната заедница дека земјата е сериозна во намерата да создаде здрава и конкурентна бизнис-средина, зголемувајќи ја нејзината привлечност за странски инвестиции и поттикнувајќи економски раст и развој – истакнува професорот Бауш.

Од друга страна, вели Бауш, законот ги зајакнува институциите задолжени за неговото спроведување, обезбедувајќи дека агенциите за регулација и надзор се добро опремени и овластени да следат пазарни трендови, да идентификуваат и реагираат на прекршоци.

Што се однесува до инфлацијата, законите кои се борат против нефер трговски практики може да имаат индиректно влијание на инфлацијата преку промовирање на здрава конкуренција и спречување на ценовни монополи, сметаат експертите.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во тие рамки ќе си конкурираат меѓу себе синџирите на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените, информираа од Министерството за економија. Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *