КолумниНовости

Бегајте од феудалните газди, нив не ги интересира вашето ментално здравје

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

По повод денот на менталното здравје, чувствувам обврска дека треба да објавам нешто на оваа тема. Денеска цел ден се мислам за што да пишувам, па после неколку часа размислување, сфатив дека морам повторно да пишувам за менталното здравје на работното место.

Почитувани работодавачи, им се обраќам на оние работодавачи кои ги ценат работниците како луѓе, а не како средства за остварување на профит – водете повеќе ред за менталното здравје на вашите вработени. Доколку некој вработен се пожали дека има некаков проблем, обидете се да му помогнете. На тој начин ќе му покажете дека навистина ви е грижа за него како поединец во вашата компанија. Еден вработен повеќе со нарушено ментално здравје, значи загуба и за вас како работодавач. Не ги оптоварувајте премногу со работа и имајте разбирање. Впрочем, најважно нешто е токму тоа – да се има разбирање.

mental health 2019924 640
Фото: Pixabay

Помладите работници (милениумците и генерацијата Зет) се повеќе се борат за одржување на своето ментално здравје. Оттаму, клучно е да обрнете повеќе внимание и вие на нив ако сакате да ги задржите.

Не знам како е праксата кај нас, но во западните земји, особено во големите компании има и психолози. Мислам дека таа пракса треба да се воведе и кај нас. Психата е нај комплексно нешто кај човечкото битие, па поради тоа и многу важно да се внимава на истата.

Почитувани работници, не се преработувајте. Јасно ми е дека ви требаат повеќе пари, но не дозволувајте да станете дел од негативната статистика. Не дозволувајте ниту заработените пари да ги давате по лекари. Доколку работите за газда – феудалец, тргнете се оттаму. Побарајте други опции и можности. Ги има, само треба да се побараат.

16922697 5804752
Фото: Freepik

Обрнете повеќе внимание на балансот помеѓу приватниот и работниот живот, имајте хоби и поминувајте време со вашето семејство. И што е уште поважно – тргнете се од феудалците. Нив не ги интересира ниту вашето ментално здравје, ниту вашата благосостојба. Единствено ги интересира профитот.

Да не должам премногу, чувајте се себеси и своето ментално здравје. И доколку Ви е потребна, побарајте и соодветна стручна помош.

П.С. Горе – напишаното доаѓа од ваш колега – паталец.   

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера