Вештачката интелигенција им се заканува на преведувачите, програмерите… А еве кои професии се најмалку загрозени
Компанијата Мајкрософт ја објави најновата листа на професии кои се најмалку изложени на ризик од заменување со вештачка интелигенција.
Во време кога канцелариските работници стануваат сѐ поранливи поради зголемената можност да бидат заменети од страна на AI системи, мануелните занимања добиваат нов имиџ – стабилност, долгорочност и растечки престиж.
Во најновиот извештај насловен „Професионални импликации од генеративната вештачка интелигенција“, Мајкрософт анализираше како алатките на вештачката интелигенција влијаат врз различни професии. Истражувањето се базираше на податоци од 200.000 анонимни и заштитени разговори на американски корисници со Bing Copilot, собрани во периодот од јануари до септември 2024 година.
Целта на анализата беше да се утврди за кои задачи луѓето најчесто бараат помош од AI, и во кои активности таа е најуспешна. Се покажало дека AI најчесто се користи за собирање информации, пишување и комуникација – области во кои покажува висока ефикасност.
„AI најчесто има улога на тренер, советник или инструктор – некој што ги собира информациите и ги пренесува на корисникот“, се наведува во извештајот. На пример, ако некој сака да научи како да отпечати документ, целта е тој да ја совлада опремата, а улогата на AI е да го обучи во тој процес.
Поради вакви обрасци на користење, професии како преведувачи, писатели, историчари, толкувачи и трговски претставници се сметаат за најзагрозени – и во поглед на автоматизација и во поглед на трансформации во работниот процес.
Од друга страна, занимањата кои подразбираат физичка работа со луѓе или машини – како миење садови, масажа, градежништво, хотелско одржување и хигиена – најмалку користат AI и засега се најмалку погодени од развојот на овие технологии.
Сѐ повеќе вработени користат AI
Според извештај на Gallup, токму канцелариските работници се најчести корисници на вештачката интелигенција – дури 27% од нив редовно користат AI во работата, што е значителен раст од 12% во споредба со 2024 година. Најинтензивна употреба е регистрирана во ИТ секторот (50%), професионалните услуги (34%) и финансискиот сектор (32%).
Во меѓувреме, употребата на AI во производството и теренската работа бележи пад – од 11% во 2023, на само 9% во 2025 година.
Сепак, Мајкрософт напоменува дека нивната анализа се однесува само на генеративните AI модели, како Bing Copilot. Други типови вештачка интелигенција – оние што управуваат со машини или ги надгледуваат – сѐ уште можат да имаат влијание врз одредени физички професии, како на пример возачи на камиони.
Според анализата, професии најмалку изложени на ризик од AI се:
- Техничари за вадење крв
- Болничари и негуватели
- Работници за отстранување на опасни материи
- Помошници на молери и гипсари
- Балсаматори
- Оператори во постројки
- Орални и максилофацијални хирурзи
- Монтери и сервисери на автомобилски стакла
- Бродски инженери
- Вулканизери
- Протетичари стоматолози
- Помошници во производството
- Работници за одржување на автопатишта
- Техничари за подготовка на медицинска опрема
- Оператори на машини за пакување и полнење
- Ракувачи со машини и помошни работници
- Мијачи на садови
- Ѕидари и бетонски работници
- Надзорници во противпожарни служби
- Ракувачи со индустриски виљушкари и трактори
- Офталмолошки техничари
- Масери
- Хируршки асистенти
- Работници во фабрики за гуми
- Помошни кровопокривачи
- Ракувачи со гасни компресори и пумпни станици
- Кровопокривачи
- Бушачи за нафта и гас
- Собарки и чистачи
- Ракувачи со машини за асфалтирање и површинска обработка
- Ракувачи со шумарска механизација
- Ракувачи со моторни чамци
- Помошни болничари
- Брусачи и финишери на подови
- Ракувачи со тестери
- Ракувачи со опрема за поставување и одржување шини
- Калапари и ливачи во ливници
- Оператори во постројки за преработка на вода
- Надзорници на мостови и брани
- Ракувачи со багери
Овој список покажува дека вештачката интелигенција засега повеќе го трансформира канцеларискиот труд отколку физичката работа, но експертите предупредуваат дека технолошкиот напредок може да го прошири своето влијание и на нови полиња во иднина.

