МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

(ВИДЕО) Заврши тридневниот Семинар: Сигурноста на работните места е значајно намалена поради пандемијата

Заврши тридневниот Семинар - Работник
402views

Заврши тридневниот регионален семинар на тема „Зајакнување на социјалниот дијалог во рамките на европската интеграција“ на којшто свои излагања имаа Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, Благоја Ралповски и Претседателот на Самостојниот синдика за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков. 

Тие преку своите видувања го објаснија социјалниот дијалог и сигурноста на работните места во екот на пандемијата на корона кризата и изразија големо жалење дека се поголем број на работни места се изгубени поради економските последици на пандемијата. 

Свое обраќање имаше и професорот по трудово право, проф. д-р Лазар Јовевски кој зборуваше за улогата на синдикатите во воспоставувањето на рамнотежа помеѓу професионалниот и семејниот живот, за работните односи во услови на Ковид 19 – Законската рамка и мерки за усогласување на професионалните со семејните активности. 

На семинарот се обрати и Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков кој потенцираше дека владнитите мерки за помош на стопанството не се имплементираат целосно и даде осврат на помошта на економските оператори. 

На овој семинар учествуваше и претставничката на Европскиот центар за прашања на работниците, Џудит Хамбург – Мадани која зборуваше за работничките организации на Западен Балкан.

Свое учество имаше и претставничката од Унија на независни и автономни синдикати Билјана Чќламовска која посочи дека потребно е Законот за работни односи да содржи одредби коишто ќе ја дефинираат работата од далечина. Таа рече дека овој вид на работа не треба стриктно да се дефинира како работа од дома, туку како работа од далечина, бидејќи овој вид на работа може да се извршува и од интернет кафе, плажа или хотел. 

Заклучокот на семинарот е дека пандемијата има големо влијание врз губењето на работните места и дека треба да се преземат конкретни мерки за надминување на последиците врз пазарот на трудот. 

 

Бобан Илијевски