(ВИДЕО) Зошто Македонското Здружение за заштита при работа е изземено од Советот за БЗР?
Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа М-р Милан Петковски на 15 април на својот фејсбук профил објави дека испратил допис до Премиерот за изземањето на Здружението од Советот за безбедност и здравје при работа, од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Порталот Работник побара подетални информации околу ова, од страна на г-динот Петковски. Неговата изјава можете да ја погледенете во видеото во продолжение:
Порталот Работник побара и став околу ова прашање од страна на МТСП. Прашањето и одговорот Ви ги пренесуваме интегрално:
Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР беше отстрането од Советот за безбедност и здравје при работа. Која е причината за неговот отстранување?
Во однос на прашањето кое се однесува на Советот за безбедност и здравје при работа, би сакале најпрвин да Ве информираме дека воопшто не се работи за „отстранување на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) или отстранување на членовите на ова здружение од Советот за БЗР“, како што целосно погрешно и неосновано наведувате во Вашата констатација.
Имено, Советот за безбедност и здравје при работа, како експертско и советодавно тело е формиран со Одлука на Владата на Република Северна Македонија во 2009 година, а во согласност со Членовите 43 и 44 од Законот за безбедност и здравје при работа.
Паралелно со Одлуката за основање, Владата донесе и Решение за именување на членови на Советот за БЗР, и двете објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 131/2009. Согласно Законот за БЗР, Советот го сочинуваат 15 члена, од кои 4 члена од репрезентативните организации на работодавачи, 4 члена од репрезентативните синдикати, 3 члена именува Владата на Република Северна Македонија, 1 член претставник на факултетот кој спроведува образовна дејност на полето на безбедност при работа, 1 член претставник на факултетот кој спроведува образовна дејност на полето на медицината на трудот, еден претставник на здружението на стручните лица за безбедност при работа и еден член претставник на здружението на експерти на медицина на трудот. При именувањето на членовите на Советот, Владата на РСМ ги потврди како членови на Советот претставниците кои беа номинирани од страна на матичните организации, институции и здруженија.
Од формирањето на Советот, како негов член – претставник на здружението на стручни лица за безбедност при работа, беше назначен г-динот Милан Петковски, номиниран од страна на МЗЗПР, како единствено здружение на стручни лица од оваа област во тоа време. Во меѓувреме, се формираа и други здруженија на стручни лица за безбедност при работа, при што г-динот Петковски продолжи да учествува во работата на Советот за БЗР претставувајќи ги интересите, ставовите мислењата на здруженијата на стручни лица.
Напоменуваме дека, во согласност и со законските одредби, г-динот Петковски не членувал во Советот како претставник на исклучиво на Здружението МЗЗПР или претставувајќи ги само членовите на тоа здружение, туку и на останатите здруженија на стручни лица, кои подоцна, со текот на времето, се формираа. Според информациите и сознанијата на МТСП, во моментот постојат и активно делуваат 4 (четири) здруженија на стручни лица за безбедност при работа.
Во изминатите години во неколку наврати, до Владата на РСМ и до Министерството за труд и социјална политика (како институција во чија надлежност е Законот за БЗР), беа доставени иницијативи од другите три здруженија за промена на претставникот од здруженијата на стручни лица за БР, имајќи во предвид дека постоечкиот претставник е член на Советот од неговото формирање, т.е. од 2009 година.
Од тие причини, во јануари оваа година МТСП иницираше и организираше состанок со претставници на сите четири здруженија на стручни лица, со иницијатива тие (сите здруженија) заеднички да се договорат, да изберат и номинираат еден претставник кој ќе биде избран за член на Советот за БЗР, како меѓусебно усогласен и заеднички договорен предлог. После тој состанок, до Владата на РСМ и Министерството за труд и социјална политика, беше доставен допис потпишан од мнозинството на здруженија на стручни лица (3 од 4 здруженија), со кој тие бараат да се изврши промена на членот на Советот кој ги претставува стручните лица за БР, доставувајќи заеднички предлог за нов член на Советот, кој „ќе ги застапува интересите на сите стручни лица од здруженијата и за својата работа ќе се консултира со сите здруженија“.
Подоцна, на седница одржана на 30 март 2021 година, со донесувањето на Решението за изменување на Решението за именување на членови на Советот за безбедност и здравје при работа („Сл. весник на РСМ“ бр.73/21), ја потврди номинацијата на нов член на Советот – претставник на здруженијата на стручни лица за безбедност при работа, прифаќајќи го предлогот и заедничката, усогласена номинација добиена од 3-те (од вкупно четири) активни здруженија на стручни лица од областа.
Се надеваме дека со ова подолго и детално објаснување ќе помогнеме точно, изворно, врз основа на факти и без погрешни и неосновани констатации, да ја согледате и разберете ситуацијата поврзана со последната промена во однос на членовите на Советот за БЗР.
Бобан Илијевски

